Опис
Иако не му е првпат да „сурфа“ врз брановите на фантастичните жанрови, сепак во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Александар Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Имено, ова е книга со чисти жанровски контури, во која Русјаков го меле своето поетичко месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и на хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричноста и сатиричноста.„Оваа збирка раскази носи наслов ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети, во случајот кај расказите на Александар Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина на општеството.“ Маријана Котевска-Георгиева













