Доделување на наградата „Оливера Николова“ и промоција на победничкиот роман „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски

Свечено доделување на книжевната награда „Оливера Николова“ за 2025 година и промоција на победничкиот роман „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски ќе се одржат на 5 ноември (среда), во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

На доделувањето на првиот добитник на награда за најдобар необјавен роман за деца и млади, установена од издавачката куќа „Арс Ламина“, ќе се обрати жирито во состав: Оливера Ќорвезироска, Весна Мојсова-Чепишевска и Јагода Михајловска-Георгиева.

Романот, кој е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е збогатен со илустрации од Здравко Гиров.

„Џинџуџе“ е прво дело за деца и млади од истакнатиот македонски писател Ермис Лафазановски. Станува збор за модерна бајка за потрагата по среќа, сместена во наше време и на наш простор. Бајковидноста и вештото, духовито реферирање на фолклорната традиција во романот се остварени преку два лика – еден џин и едно џуџе (односно едно огромно и едно ситно дете) – исправени пред предизвиците на современиот живот, обединети во т.н. „мол-култура“, како неизбежен факт на нашето време.

„Џинџуџе“ е заедничко, уметничко име на двајца најдобри пријатели – џинот и џуџето – кои функционираат како едно суштество. Зближени по принципот на разлики и контрасти (едниот е огромен и силен, интелектуално инфериорен; другиот е ситен и немоќен, интелектуално супериорен), тие се досетливи акробати кои изведуваат точки со велосипед низ Скопје, особено во „Сити мол“.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е установена на 11 март 2025 година, на денот на раѓањето на Оливера Николова – првиот без нејзино физичко присуство меѓу нас. Николова почина на 3 ноември 2024 година.

На првиот конкурс за наградата „Оливера Николова“, која ја установи издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка на семејството на Николова, пристигнаа 38 ракописи од 37 автори. Во најтесниот избор за наградата беше и романот „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов).

Во меѓувреме, „Арс Ламина“ го распиша и вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2026 година. Конкурсот трае до 11 јануари 2026 година. На него можат да учествуваат автори со необјавени романи (ракописи) за деца и млади во должина од 2 до 5 авторски табаци (од 32 до 80 страници). Ракописите треба да се достават по електронска пошта на адресата konkurs@arslamina.com, како Word или PDF-документ со назнака: За конкурсот „Оливера Николова“.

Романот „Џинџуџе“ наскоро ќе биде достапен во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.