Сликовницата „Осаменото дрво“, која е дел од едицијата „Нови бајки од Македонија“, претставува инспирација за новата детска театарска претстава на Детскиот креативен центар при МКЦ.
Проектот, кој произлезе од креативни театарски работилници со деца на возраст од 6 до 12 години, ќе биде изведен на 2 ноември (недела), во Џебното кино на МКЦ Скопје, во два термини – 18:00 и 19:00 часот.
Во претставата играат: Ведран Ристовски, Елена Стојаноска, Стефан Михајлов, Саша Зиковска, Стефан Велковски, Илина Велковска, Ирина Ѓорѓевиќ, Милица Ѓорѓевиќ, Фросина Патчева и Бисера Каеска.
Авторката на книгата Нина Максимова ја направи драматизацијата и е една од режисерките, заедно со Јанка Лефкова и Благојчо Стојанов.
Работилниците се одвиваа во неколку фази и завршија со театарска претстава со рачно изработени сенки и кукли, како и со изложба на детски цртежи. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.
Сликовницата „Осаменото дрво“ од Нина Максимова, издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина“, во соработка со Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине!“, во рамките на едицијата „Нови бајки од Македонија“, беше инспирација за детската претстава.
„Осаменото дрво“ е повеќе од бајка – тоа е емоционално патување за најмладите, со инспиративна екопорака. Еднаш, многу одамна, на една мала планета никнало едно дрво – толку големо што ја зафаќало целата планета. Тоа е главниот протагонист во претставата. Иако звучи необично главен лик да биде дрво, тоа е дел од традицијата во детската литература – приказните за дрвјата пренесуваат значајни пораки за растење, трансформација, себеприфаќање и другарство.


