Иако писателот Владо Јаневски веќе подолг период живее во Австралија, не ги губи врските со татковината и голем дел од своите дела ги пишува на македонски јазик. Неодамна, за ракописот „Мртвите знаат најдобро“ го освои првото место на конкурсот за најдобар необјавен роман на годината „ПЕГАЗ“, кој веќе втора година по ред го организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и фондацијата „Славко Јаневски“. Оваа година имаше двајца победници на конкурсот, Јаневски и авторот Љупчо Петрески, а на повикот пристигна дури 61 дело од различни автори кои ги оценуваше тричлена комисија. Со Јаневски позборувавме за неговите мотиви да се пријави, за животот во Австралија како и за тоа како се родило делото „Мртвите знаат најдобро“.

* Што Ве мотивираше да учествувате на конкурсот?
Романот „Мртвите знаат најдобро“ не беше уште завршен кога некаде во април-мај, на социјалните мрежи го забележав вашиот конкурс за необјавен роман. Првично романот мислев да го завршам до крајот на септември и да го понудам на една од издавачките куќи со која соработував. Крајниот рок за конкурсот „ПЕГАЗ“ беше во јуни. Тогаш си реков ова би било добра мотивација да се обидам да го завршам романот во тој скратен рок и, повеќе од љубопитство, сакав да видам како ќе помине на еден ваков конкурс каде што – подоцна дознав – пристигнал дури 61 ракопис. Кога ја видов оваа бројка воопшто не очекував награда и продолжив да го полирам романот пред да го предадам на мојот издавач со надеж дека ќе биде прифатен за следната издавачка година.

* Приказната е мошне интригирачка и на прв поглед содржината потсетува на некој трилер филм. Кои беа почетните точки на истражување и како воопшто се роди овој роман?
Приказната во романот потсетува на трилер филм, меѓу другото затоа што изобилува со такви ситуации, најчесто потпомогнати со дијалози кои на најбрз начин му помагаат на читателот да се нурне во она што следува или да го натера да размислува за она што би следувало, за веднаш потоа да биде изненаден од следната, најчесто сосема неочекувана сцена. Низ романот исто така провејува црн хумор, вткаен во повеќеслојна приказна каде јавето и сонот неретко се преплетуваат и се еднакво важни. Почетни точки на истражување? Почетниот хаос во мојата глава и она што ме опкружуваше додека престојував во Јапонија, потоа обидот од тој хаос да извадам на површина делчиња кои на крајот, низ процесот на пишување на романот, се обидував да ги составам во еден голем мозаик и да ја добијам конечната слика каде што се претставени сите ликови од романот. Патем, дружењето со овие ликови, и покрај тоа што повеќето се мошне мрачни, ме заинтригира да ја продолжам приказната во уште еден роман на кој моментално работам, нешто како продолжение на „Мртвите знаат најдобро“, но и како независна приказна, која се надевам дека исто така ќе побуди интерес. Интересно беше и тоа што додека го пишував „Мртвите знаат најдобро“, понекогаш имав обичај да си фантазирам како би било еден ден да им пријдам на тукашните холивудски ѕвезди и продуценти Расел Кроу или Никол Кидман и да се обидам да разговарам со нив дали би биле заинтересирани да направат филм по романот. Тие не се далеку од мене, и двајцата живеат во Сиднеј, но таа средба со нив засега е само сон – сепак, убаво е да се сонува, нели?

* Зошто се одлучивте да се пријавите под псевдоним на овој конкурс?
Во изминативе години сум учествувал на повеќе конкурси и сум освојувал повеќе награди за поезија, краток расказ, младински роман и еве, сега оваа награда. На сите тие конкурси сум настапувал со шифра или псевдоним. Зошто? Од едноставна причина, на тој начин сум сакал да бидам сигурен дека се оценува само моето дело и моето име нема никакво влијание во тој процес. Сакам да им помогнам на тие што одлучуваат да бидат што е можно повеќе објективни. Затоа оваа награда ми е посебно драга. Овој пат, откако веќе беа познати резултатите, добив неколку известувања од „Арс Ламина“ во моето електронско сандаче дека сум добитник на наградата „ПЕГАЗ 2020“. Тогаш имав можност да одговорам на тие известувања и да го откријам моето име и презиме. Единствената причина што не го сторив тоа беше што моето е-сандаче секојдневно е речиси затрупанo со голем број на пораки, па така се случи да не ги забележам важните известувања од „Арс Ламина“ и, кога резултатите беа објавени, стоеше дека романот „Мртвите знаат најдобро“ е напишан од анонимен автор. Значи се работеше за мој пропуст навремено да одговорам на пораките за да го потврдам авторството со име и презиме. Но, сега е сè во ред и можам да кажам дека пријатно сум изненаден од професионалноста и пресретливоста на тимот на „Арс Ламина“.
* Одамна живеете во Австралија. Зошто одлучивте да заминете од Македонија и со што конкретно се занимавате во оваа земја?
Причината за заминување беше повеќекратна – почнувајќи од ограничената слобода на изразување, лошата финансиска состојба, животот под кирија, па до малите шанси да се напредување во струката. Со што сум се занимавал? Уште додека живеев во Скопје ми се објави збирка наградувани раскази. Тогаш уште бев студент, пишувајќи, и со објавена книга, би се очекувало да студирам книжевност или нешто слично. Сепак одлучив да дипломирам на Технолошкиот факултет во Скопје. Мислам дека не згрешив, бидејќи на тој начин можев да си обезбедам редовни средства за живот и непречено да продолжам да пишувам. Потоа квалификациите од универзитетот „Кирил и Методиј“ уште веднаш ми се признаа во Австралија. Тука долги години работев за неколку светски водечки компании – најчесто на истражувачки и развојни проекти формулирајќи најразлични индустриски производи. Пред неколку години решив да престанам активно да работам во оваа струка. Сега од наука најмногу ме интересираат квантна механика и космологија и имам повеќе време да му се посветам на она што и онака паралелно го правев цело време: пишување, сликање, илустрирање и патување по светов. Додека патувам никогаш не заборавам да наминам и во Македонија каде што престојувам извесно време во текот на годината. За жал, оваа година не дојдов поради пандемијата.

* Иако компарацијата е тешка, но според вас, како би ја оцениле книжевната сцена во нашата земја наспроти Австралија?
Споредбите се неблагодарна работа. Австралија и Македонија се во многу нешта различни и тие разлики на еден или друг начин се рефлектираат во литературата, почнувајќи од самите теми. Австралија е огромна земја и тоа пространство со неверојатни пејзажи е честа тема на овдешното творештво. Колонијалното минато, врските меѓу луѓето и стремежот кон егалитарност како централни за австралискиот културен отисок, австралискиот идентитет, се исто така мошне присутни. Гласовите на првите народи (Абориџините) и мигрантите енормно ја збогатуваат книжевната сцена. За земја со релативно мала популација (25 милиони жители), Австралија има голем број автори од светски калибар, меѓу кои еден нобеловец и еден пулицеровец, неколкумина добитници на наградата „Ман Букер“ и многумина на листата на светски бестселери. Од другата страна на книжевната сцена, австралиските читатели читаат во просек по три книги месечно и, кога станува збор за белетристиката, претпочитаат домашни автори.
* Може ли да ни одвоите неколку писатели кои имаат најголемо влијание врз Вас и Вашиот стил?
Од светските писатели има повеќе, но би го издвоил Хајнрих Бел. Најсилен впечаток ми остави „Погледите на еден кловн“, еден од неговите помалку познати романи. Го прочитав во раните студентски денови. Мислам дека токму во овој роман имаше нешто што додека го читав во мене запали искра на љубопитство да откријам како е конструиран романот и, после неколку препрочитувања, ме поттикна да пишувам. Од домашните автори би го издвоил Петре М. Андреевски со неговиот „Пиреј“. Од тој роман имаше многу што да се научи, уште повеќе од самиот автор, ја имав таа незаборавна прилика за еден подолг разговор со него. Тука исто ќе кажам дека ми се допадна коментарот на комисијата што одлучи да му ја додели наградата на мојот роман, особено за споредбата на мојот стил со светски популарниот современ автор Харуки Мураками. За мене ова е голем комплимент. Што имам заедничко со Харуки Мураками? За жал, досега ништо не сум прочитал од него, но сега сигурно ќе го сторам тоа, меѓу другото заинтригиран и од споредбата со стилот. Од друга страна, можеби сепак имаме нешто заедничко со овој јапонски писател, на пример ја имав таа можност да престојувам во Кјото, неговиот роден град, каде можев намира да го впијам тамошниот секојдневен живот низ долгите прошетки по уличките на овој прекрасен град, им се восхитував и на бројните јапонски градини околу Кјото од чија убавина може здивот да ти запре. На некој чуден начин токму овие прошетки и градини придонесоа да се роди приказната за мојот роман, а добар дел од ликовите свесно или потсвесно влегле во мојата глава додека сум го набљудувал тамошниот свет, не само во Кјото туку во неколку наврати и во Токио. Ако овој роман воопшто стигне во Јапонија тогаш се надевам дека тамошните добри луѓе нема да ми замерат што си дадов уметничка слобода во мојата приказна да ги претставам ликовите како не толку пријателски расположени, а градините како места што кријат морбидни тајни.
* Дали Ви е полесно да се изразите на македонски или на англиски јазик или не гледате разлика во тој сегмент?
Сум забележал кај некои сонародници дека релативно брзо дозволуваат мајчиниот јазик да им биде преплавен со странцизми иако за нив имаме сосема добри зборови, (оваа појава е забележлива и во Македонија). Постојано се обидувам да го зачувам својот јазик, што е вистински предизвик кога се живее во средина каде сите зборуваат англиски и подолг период нема со кого да зборуваш македонски, освен понекогаш дома. Значи во секојдневниот живот тука комуницирам, дури и размислувам, на англиски јазик, но не сум ја изгубил леснотијата на комуницирање и на македонски јазик. Тоа што пишувам ми помага. На тој начин не дозволувам да ми зарѓа мајчиниот јазик и уживам кога се изразувам на македонски, што може да се каже дека има двојно задоволство во самиот процес на користење на мајчиниот јазик – преку негово зачувување и творење. Затоа не се срамам да кажам дека се расплакав кога дознав дека сум ја добил наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман – во мене се расплака возрасен човек со име и презиме кој пишува на македонски и го зборува овој убав јазик.