„Убиство во Ориент експрес“: Поаро во легендарна истрага – кој го уби Семјуел Едвард Рачет?

Агата Кристи е синоним за мистерија, интелигентни заплети и неочекувани крајни решенија. Еден од нејзините најпознати романи, „Убиство во Ориент експрес“ од 1934 година, и денес продолжува да ја фасцинира читателската и филмската публика. Делото има повеќе телевизиски и филмски адаптации, а најновата филмска верзија од 2017 година, во режија и со главна улога на Кенет Брана, ја оживува познатата приказна со раскошна продукција и ѕвездена актерска екипа.

Главниот лик во романот и филмот е белгискиот детектив Херкул Поаро, еден од најславните книжевни јунаци што ги создала Агата Кристи. Поаро се појавува во 33 романи и 51 расказ напишани меѓу 1920 и 1975 година, а заедно со госпоѓица Марпл претставува симбол на британската детективска проза. Тој е препознатлив по својата педантност, впечатлив изглед, како и по методот на решавање случаи со помош на своите „мали сиви клетки“.

Во последната филмска верзија на „Убиство во Ориент експрес“, режисерот Кенет Брана, кој ја толкува и главната улога на Херкул Поаро, нè води во 1930-тите години, на луксузниот воз „Ориент експрес“, кој патува од Истанбул кон Европа.

Планот на Поаро да престојува неколку дена во Истанбул е нарушен кога добива ненадеен повик итно да се врати во Англија. Со помош на г. Бук, негов сонародник и директор на „Меѓународната компанија за вагони за спиење“, Поаро успева во последен миг да добие место на возот „Ориент експрес“ на линијата Истанбул – Кале. Еден од сопатниците, американскиот магнат Семјуел Едвард Рачет, му се обраќа на славниот детектив за помош со објаснување дека добивал анонимни закани по неговиот живот, но Поаро го одбива. Следното утро, додека возот стои завеан од снег на трасата меѓу Белград и Винковци, Рачет го пронаоѓаат мртов во неговото купе, повеќекратно избоден до смрт. Херкул Поаро решава да го истражи ова убиство и притоа открива дека се работи за сложено злосторство, чие решение бара сложени методи – пред сè дедукција и употреба на „малите сиви клетки“.

Покрај Брана, во филмот се појавува ѕвездена актерска екипа: Пенелопе Круз, Џуди Денч, Џони Деп, Вилем Дефо, Мишел Фајфер, Дејзи Ридли и други. Секој лик носи своја тајна, а токму интеракциите меѓу нив ја прават приказната уште позагадочна. Филмот останува верен на духот на романот, со внимателно изградена атмосфера и со сите оние детали што ја прават Кристи неповторлива – од тесните простории на возот до заплетканите судбини на патниците. „Убиство во Ориент експрес“ на Брана успеа да го освежи класикот и да го приближи до новата генерација гледачи.

Книгата „Убиство во Ориент експрес“, која на македонски јазик е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, како и преостанатите книги од Агата Кристи, се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн, преку www.literatura.mk.