Норвешкиот поет на пијаното, Торд Густавсен, гостин во „Астрорум“

Во ова издание на „Астрорум“, ексклузивно само за „Литература.мк“, гостува норвешкиот пијанист со светско реноме, ексклузивецот на „И-си-ем рекордс“, Торд Густавсен. Торд Густавсен настапи со своето трио на последното издание на „Скопскиот џез-фестивал“ и со задоволство разговараше за својата уметност со нашата уредничка Бранка Костиќ-Марковиќ.
На прашањето: Кога ќе кажете, среќен сум, задоволен сум, си ги остварив целите во животот, тој одговара:
– Не познавам ниту еден музичар што така размислува. Но, целта е да се биде во музиката на начин на кој можам да кажам: Благодарен сум, дадов сè од себе во секој еден миг. Јас немам прецизно утврдена цел да настапувам со овој или оној музичар, или да свирам тука или таму, туку јас настапувам со најдобрите луѓе што ги познавам, така што не мечтаам да настапувам со некој друг, а сум бил насекаде, и затоа мечтаам да продолжам да го правам ова со свежина, а не нужно во поголема сала или со други музичари, туку да ја одржувам свежината. И сè додека чувствувам дека тоа што го правам е вистинско и свежо, сè дотогаш, се надевам, дека ќе продолжам да свирам. Но, ќе видиме. Ќе се држам до ритуалот, а не до рутината – ни изјави тој за време на гостувањето во Скопје.

Пијанистот Торд Густавсен е роден 1970 година во Осло, но пораснал во норвешката внатрешност. Почнува да свири пијано на четири години, а компонира и импровизира пред воопшто да научи да чита музика и да изведува класични дела. На 19-годишна возраст се запишува на Универзитетот во Осло, развивајќи притоа особен интерес за џезот. Во 1993 година е примен на одделот за џез на Музичкиот конзерваториум во Трондхајм, каде што формира неколку состави со кои ја обиколува Скандинавија. Пред да ја започне својата соло-кариера, Торд веќе неколку години е неодминлив актер на норвешката џез-сцена. Неговото музицирање претставува клучна алка во проектите на некои од најдобрите норвешки пејачки: Солвег Слетахјел, Сиље Нергард, Сири Гјаре и Кристин Асбјорнсен. Поривот за индивидуално изразување соединет со интензивното внимателно слушање низ взаемна творечка интеракција, го прави Торд особено интересен и возбудлив, како солист и со бенд. Густавсен има издадено осум албуми за ECM со својот ансамбл и трио. Неговата музика доживува енормно позитивни критики насекаде во светот. Добитник е на норвешката награда „Греми“ (Spellemannsprisen), како и на бројни други признанија и награди. Ансамблите на Торд откриваат уникатен универзум на лирика и суптилен фанк-призвук. Неговиот начин на комбинирање на џез-историјата со „нордиските“ медитативни расположенија и лирска убавина е вистинско освежување и провокација на денешната музичка сцена.

[youtube https://www.youtube.com/watch?v=UVnrjVwLY1o&w=560&h=315]