„Шарени ириси“ – книга што се чита со срце: Донација за учениците од „Димитар Влахов“

Издавачката куќа „Арс Ламина“ ја донираше книгата „Шарени ириси“, испечатена на кирилско и на Брајово писмо во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Скопје. На средбата учениците читаа делови од книгата, а имаа можност и да се запознаат и со авторката Јована Матевска-Атанасова. 

Со оваа донација, изданието ќе биде достапно за сите деца и младинци во библиотеката на училиштето „Димитар Влахов“.

„Шарени ириси“ е хибридно инклузивно издание на кирилско и на Брајово писмо, наменето за слепите и за лица со оштетен вид и за нивните семејства. Сликовницата, која е во издание на Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е со текст на Јована Матевска-Атанасова и акварелните илустрации на Симонида Филипова-Китановска, кои длабоко и лирски продираат во една деликатна семејна состојба во која таткото е слеп и метафорично кажано: живее во очите на својата ќерка. Со многу чувства и со специфичен ликовен сензибилитет, во „Шарени ириси“ истовремено се испишува и се исцртува љубовта помеѓу таткото и ќерката, при што темнината и светлината се во цврста прегратка. Иако сликовницата е за возрасни, со неа „владее“ едно дете, па оттаму можат да ја читаат или да им се чита и на деца.

Станува збор за книжевно-ликовна приказна, за она што се гледа и за она што не може да се види. Метафорични очи во кои живеат светлината, темнината и љубовта. Можен свет (пре)создаден низ своите или низ очите на блискиот. „Шарени ириси“ е сликовница за големи и мали, што треба да се чита, да се гледа, да се допира со… ширум отворено срце!

„Шарени ириси“ минатата година доби награди за Најкреативно издание и Поттикнување општествена одговорност, од Македонската асоцијација на издавачи на Саемот на книга 2024 година!