„Се гледаме во август“ – последната резба на големиот мајстор

Додека бестселер-побарувачката полека ги брише книжевните ерудити, на литературната сцена недостигаше богатиот, збиен Маркесов стил во кој единствено накитеноста не е предиспозиција на кич. Со внимателно одбрани зборови и изрази кои го негуваат лирското, обрнувa големо внимание на интроспективното во ликовите. Без непотребни дијалози што само би го унакажале доловувањето на внатрешната експанзија на емоции, Маркес ја почнал приказната за слободата. Тоа не е слобода поврзана со политичко угнетување или од социјална природа, извикани синтагми на медиумското и демократско заробеништво. Слободата што Маркес ја истражува е елементарното чувство на „себство“, кое можеби е изгубено со институционализирање на љубовта меѓу двајца. Велам можеби, затоа што таму каде што за некого завршува слободата за друг таа почнува.

Линијата на приказната е монотона – Ана Магдалена Бах секој август го посетува родното место и гробот на нејзината прерано почината мајка оставајќи букет гладиоли. Таму, на тој магичен, карипски остров станува некоја друга, го ослободува сексуалното, па дури и агресивното од себе (следство на сексуалното е агресивното–измачувањето, грижата на совест и мазохизмот) , два сврзника што според Фројд се единствениот матичен број на личноста. Авторот, за жал, добро го предвидел и денешниот архетип на модерна жена, среќно омажена – жена-трофеј, која си дозволува по некој излет надвор од брачната постела, компензирајќи за моќта која во пренагласениот „патријахат“ ѝ е одземена. Од друга страна, таквата жена секогаш си го наоѓа патот до домот, без разлика колку гревови си препишала попатно, па дури и верува дека љубовта што ја овенчала со потпис и ветување е вистинска и вечна. Повторно, Маркес допира до деликатна и сензитивна тема што го превртува промискуитетот на главната хероина во сочувство и потрага по фамозното „зошто“, бидејќи сè во светот се состои од лице и опачина.

И додека многумина во „Се гледаме во август“ го гледаат Маркесовиот пад и просечно четиво далеку од идеолошката и стилска забележителност на книжевниот латино-мајстор, очигледна е паралелата што ја црта меѓу социолошките улоги на мајка и ќерка (Ана Магдалена како мајка и Ана Магдалена како ќерка), невиноста наспроти развратот, за душевниот дуализам што во секој од нас постои и како таков го менува интензитетот и обликот, но останува доживотна компонента од карактерот, умот и срцето. Уште кога ќе се додаде дека „Се гледаме во август“ била орудие во борбата против Алцхајмеровата болест што Маркес го онеспособила, оваа малечка книга ја добива тежината, иако не веднаш препознатливата, што инаку го следела Маркес во неговите најдобри денови.

Како никој друг, Габриел Гарсија Маркес успева постхумно да го распродаде „изгубениот роман“ дури и од оној, далечен, мистичен свет што низ нишки се провлекувал во речиси секое негово дело, фасцинацијата со смртта и минливоста. Дури и кога тоа е незавршен роман, во прозата на Маркес секое поглавје е влезна врата кон читателски опортунизам.

Јована Матевска-Атанасова