„Читањето е супермоќ“ – работилница со авторката Марија Костадиновска во ООУ „Димо Хаџи Димов“

Во ведра атмосфера, со многу насмевки, интересни прашања и многу прегратки, помина работилницата во  ООУ „Димо Хаџи Димов“, од Скопје, со авторката Марија Костадиновска. На настанот, кој беше во рамките на кампањата на издавачката куќа „Арс Ламина“ за поттикнување на читачките навики кај најмладите, „Читањето е супермоќ“,  учествуваа учениците од второ одделение. На средбата со младите читатели авторката Костадиновска ги претстави своите две книги – „Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. На љубопитните и уми дечиња таа им откри како се станува писател, кога се родила желбата да почне да пишува книги, како настанале нејзините книги, што ја инспирирало…  Веселата дружба заврши со прегратки и ветување дека ќе се дружат повторно, и дека кога ќе објави нова книга, задолжително ќе им ја престави на другарчињата од ООУ „Димо Хаџи Димов“.

Целите на кампањата „Читањето е супермоќ“, што издавачката куќа „Арс Ламина“ ја спроведува шеста година по ред, се поттикнување на читањето и унапредување на читачките вештини, подигнување на јавната свест за значењето на читањето од најмала возраст, негување на мајчиниот јазик, поддршка на децата со тешкотии во читањето и друго.

„Волшебните прегратки“ е приказна-метафора за среќата. За непроценливата детска среќа и за тоа како со малку може да се има сѐ ако се занемари (не)намерното негативно дејствување од возрасните. За купувањето нематеријални нешта, за вредноста на желбите и соништата. За бујната фантазија и остриот ум на детето. „Волшебните прегратки“ е навидум една наивна приказна за деца, но всушност е лекција, со длабоки пораки и за децата и за возрасните. Четиво блиско до денешното живеење… Илустрациите во овој мини-роман се од илустраторката Иванка НиБа.

„Вистинска приказна за двете соседни кралства“ воопшто не е обична приказна, а е вистинска. За две вистински соседни кралства. За Хана, една вистинска кралица. И за Фран, еден вистински крал. Оваа книга, збогатена со  живописните илустрации од Александра Филипоска, носи порака и поука дека ништо не е вечно и трајно, дека треба да се учат многу нови нешта и да се биде истраен.

Книгите се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.