Новата книга „Италијанската литература и култура на барокот, просветителството и неокласицизмот“ од авторките проф. д-р Ева Ѓорѓиевска и проф. д-р Јована Караникиќ Јосимовска ќе биде промовирана на 29 октомври (среда), во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
Промоторка на изданието на „Арс Ламина“ ќе биде проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, а на настанот ќе се обрати и уредничката Цветанка Стоилова. Промоцијата се одржува во рамките на 25. Недела на италијанскиот јазик во светот, која годинава се одбележува од 13 до 30 октомври 2025 година.
Книгата ги запознава читателите со творештвото и достигнувањата на најзначајните претставници на барокот, просветителството и неокласицизмот во Италија, имајќи ги предвид придобивките на нивното творештво и истражување врз целокупниот понатамошен развој на науката и културата на глобално ниво: хелиоцентричната теорија застапувана од Џордано Бруно, емпирискиот метод на Галилео Галилеј (покрај многу други епохални иновации), филозофијата на историјата од Џамбатиста Вико, иновативните вешти метафори на Џамбатиста Марино, реформата на театарот на Карло Голдони, општествено ангажираната поезија на Џузепе Парини, интроспективните морални драми на Виторио Алфјери, импровизирачката моќ на актерите на Commedia dell’arte, вештите поигрувања со традиционалните форми и актуелните теми на Винченцо Монти и многу други новини претставени во теоретскиот дел и поткрепени во практичниот дел со извадоци од конкретните дела.
Паралелно со книжевните вредности кои ги истакнува книгата, за секој од споменатите периоди е направен преглед на значајни уметнички дела од музиката, скулптурата, архитектурата или сликарството.
Книгата ќе биде достапна во поголемите книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

