„Прес енд плеј“: Водич низ македонскиот џез и музичка култура

Авторот на книгата „Прес енд плеј“ („Press and play“), Ненад Георгиевски, неодамна даде интервју за српското музичко списание „Хај-фајлс“ („Hi-files“) каде што неговото најново дело е истакнато како „водич низ македонскиот џез и музичка култура“. Станува збор за прва книга со рецензии на англиски јазик за современа македонска музика кои воедно се објавени во реномираниот светски медиум „Ол абаут џез“ („All about jazz“) каде Георгиевски пишува веќе 15 години. Делото е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се купи онлајн на www.literatura.mk.

Во воведниот текст од интервјуто се истакнува дека кога се зборува за македонска музика, Влатко Стефановски е првото име кое ѝ паѓа на памет на српската публика и, за жал, голем дел од современата музика од нашата држава е непозната за нашиот северен сосед. Авторот на текстот, Никола Марковиќ, вели дека „Прес енд плеј“ е своевиден зборник на текстови и одличен водич низ уникатноста и богатството на сцената која е изградена на ентузијазмот на нејзините протагонисти.

Во рамки на статијата е посочено дека Георгиевски е и селектор и основач на фестивалот на музички документарни филмови „Скопје синема сити“ како и автор на уште две дела со негови интервјуа „Музика и разговори“ и „Уште музика и разговори“.

Целиот текст може да го прочитате на следниот линк: https://issuu.com/hi-files/docs/hi-files97?fbclid=IwAR3n4H7eirMUJjE1o_hlTTEKDRSBSP3o-LAPUVT_rMzkO2QXVX7ITmAqu6E