Култниот хорор-роман „Кери“ од Стивен Кинг, првично објавен во 1974 година, остави длабока трага во поп-културата и хорор-жанрот. Според книгата се снимени неколку адаптации за на големото платно, од кои најпознат е истоимениот филм од 1976 година, во режија на Брајан де Палма, со Сиси Спејсек во главната улога. Следуваа уште неколку филмски и ТВ-верзии, како и претстава на Бродвеј. Во 2013 година, приказната доби современа верзија со римејкот во режија на Кимберли Пирс.
Доколку веќе сте го погледнале филмскиот класик, ви ја препорачуваме новата екранизација – со одлична актерска екипа. Во улогата на Кери Вајт се појавува Клои Грејс Морец, а улогата на строгата и религиозно опседната мајка Маргарет ја толкува оскаровката Џулијан Мур. Покрај нив, во филмот играат и Џуди Грир, Порша Даублдеј, Габриела Вајлд и Ансел Елгорт.
Кери е приказна за осаменоста, стравот и моќта на различноста. Тинејџерката Кери расте во дом каде што религиозниот фанатизам ја задушува секоја нејзина слобода, а на училиште постојано е цел на понижувања и навреди. Кога конечно ѝ се укажува шанса да почувствува прифаќање – поканата на матурската вечер – суровата шега од страна на врсниците предизвикува катастрофални последици.
Филмот, иако доби мешани критики, останува силна и современа интерпретација на класичната приказна. Посебно впечатливи се визуелните ефекти во сцените на деструкцијата, но и актерските изведби кои додаваат длабочина на ликот на Кери и нејзината мајка.
Романот Кери е првото објавено дело на Стивен Кинг, со кое тој влезе во историјата на хорор-литературата. Веднаш по објавувањето, книгата стана бестселер, со продадени над еден милион примероци. Денес, таа сè уште важи за една од најтензичните и највлијателни приказни на Кинг.
Кери е достапна и на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, со што домашната читателска публика може да ја искуси оригиналната приказна што го инспирираше култниот филм од 1976 година, но и неговиот современ римејк. Ова остварување е идеално за љубителите на хорор и трилери што комбинираат натприродно со реални социјални теми, за сите кои сакаат модерна екранизација на класични приказни и за оние што се фасцинираат од комплексни ликови и драматични заплети.