На денешен ден (25 ноември) во 1939 година во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб во Хрватска, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат стихозбирката „Бели мугри“ од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин. „Бели мугри“ претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература, составена од 12 песни, меѓу кои „Денови“, „Ленка“, „Тутуноберачите“, „Копачите“, „На Струга дуќан да имам“… во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот е симболичен – означува ново утро, нов почеток кој бил посакуван од работниците, аргатите, експлоатираните луѓе, а создадена е под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ на браќата Миладиновци.
Познавачите на делото на Рацин посочуваат дека заслужен за издавањето на „Бели Мугри“ е познатиот хрватски и југословенски писател Мирослав Крлежа кој го поддржал излегувањето од печат на стихозбирката која не можела да се издаде во Македонија бидејќи во тоа време таа била во рамки на Кралството Југославија. Поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот Коста Солев, тој ја објавува под псевдонимот „К. Рацин“, кој го зел заради неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца.
Тоа е трета стихозбирка објавена на македонски јазик по стихозбирките на Венко Марковски „Народни бигори“ и „Огинот“, во 1938 година.
Кочо Рацин, чие целосно име е Koста Апостолов Солев Рацин (роден 22 декември 1908 во Велес –починал 13 јуни 1943 во Лопушник) — македонски книжевен деец и комунистички активист, најпознат по својата поезија.
Се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика. Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца. Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зеде од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ. Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.
„Бели мугри“ е дел од едицијата „Лесно читливи лектири“ во издание на „Арс Ламина – публикации“. Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“: на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“, „Веро Центар“, во Градскиот трговски центар ‒ Скопје и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40, а може да се нарача и онлајн, на следниот линк.
Во продолжение се потсетуваме на стиховите на антологиската „Денови“, која е дел од стихозбирката „Бели мугири“.
Денови
Како на вратот ѓердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале
Денови ли се — денови
аргатски маки големи!
Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —
ај пуст да е, пуст да би
останал животот кучешки!
Роди се човек — роб биди
роди се човек — скот умри
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.
За туѓи бели дворови,
копај си црни гробови!
За себе само ’ргај си
за себе маки тргај си —
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,
нижи си синџир железен
околу вратот навезен!