Од печат излезе партизанскиот роман на Моџо Килингтон– „СФ–СН“

Четвртиот роман на Моџо Килингтон – „СФ-СН“, излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Книгата ќе  биде промовирана на 9 април (среда), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“, кој е во организација на „Литература.мк“.  Промотор ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.

„СФ – СН“ најдобро се опишува самиот себеси со духовитиот, но и мошне прецизен поднаслов: партизански роман. Поднасловот функционира и како жанровска одредница, но и како алузија на едно важно време. Тој е и логично и природно надополнување на насловот, всушност на кратенката на познатото југословенско партизанско мото „Смрт на фашизмот – слобода на народот“ кое се користело и како поздрав меѓу членовите на движењето на отпорот.

„СФ – СН“ е необичен роман, навраќање на едно подалечно време, но и на еден навидум анахрон, дури соцреалистички начин на пишување. Поигрувајќи си со ваквата фактура, авторот го реактуализира херојското време од еден личен, љубовен ракурс, со мошне жив и впечатлив еротски пристап. На крајот има и цела песнарка на необјавени песни на еден лик – загинат, непознат поет-партизан… што е досетлива мистификација којашто романот го приближува и кон постмодернизмот.

Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Негови досегашни дела се: романите „Есента во животот на професорот по марксизам“, „Уништување“ и „Денот кога не се разбудив“, како и поетската книга „Аутопсија на љубовта“, сите во издание на „Арс Ламина“.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.