НАСКОРО: „Скопска авантура – возбудлива потрага во градот под Калето“ од Александра Тодоровиќ

Дали сте подготвени за една суперавантура, стотици години наназад низ историјата во нашиот главен град, Скопје? Да се борите, да се криете, да истражувате и да бидете вистински херои? Наскоро, очекувајте ја книгата „Скопска авантура –возбудлива потрага во градот под Калето“ од Александра Тодоровиќ во издание на „Арс Ламина – публикации“ .
Оваа книга нема да ја читате по вообичаен редослед. Низ страниците ќе бидете соочени со многу предизвици. Ќе се запознаете со Скопје и со јунаците од неговото минато кои се споменуваат и до ден-денес, бидејќи со своите дела, храброста и јунаштвото оставиле печат зад себе. Приказната почнува на четвртата страница и речиси на секоја страница ќе бидете соочени со предизвик да го направите вистинскиот избор. Ќе морате да носите одлуки што изгледаат вака:
•Ако сметаш дека е точен одговорот под А, оди на страница број 16 (знакче стомна)
•Ако сметаш дека е точен одговорот под Б, оди на страница број 25 (знакче опинци)
•Доколку одбереш да одиш на страница број 16, таму ќе го побараш текстот означен со истото знакче (во случајов – стомна), за да видиш дали си на вистинскиот пат.
Пред да одбереш во која насока ќе се движиш, претходно можеш да се консултираш со некој повозрасен или да ѕирнеш во речникот на крајот на книгата. Ако си згрешил, не грижи се, врати се назад и книгата ќе ти даде шанса да се обидеш повторно. На крајот од книгата има еден дел наречен „Занимливости“, каде што ќе прочиташ интересни работи за градот Скопје. Сите непознати зборови со кои ќе се сретнеш во текот на читањето можеш да ги најдеш во речникот на страна 44.
Мапата на задната корица ќе ти овозможи полесно да се движиш низ книгата. Со помош на оваа авантура ќе научиш еден дел од историјата што е значаен за нашиот главен град. Тоа е периодот кога градот Скопје бил под османлиска власт. Ќе посетиш многу објекти значајни за тоа време и кои до ден-денес постојат за да нè потсетуваат дека Скопје е град со многувековна традиција.