„Најсреќниот човек на светот“ – потресно сведоштво на Еди Јаку, човекот што го преживеа Аушвиц

„Животот може да биде убав ако го направиш убав. Зависи од тебе.“

Светскиот бестселер „Најсреќниот човек на светот“ од Еди Јаку – човекот што го преживеа Аушвиц, излезе од печат на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Еди Јаку отсекогаш се сметал себеси пред сè за Германец, а потоа за Евреин. Тој бил горд на својата земја. Но, сè се променило во ноември 1938 година, кога бил претепан, уапсен и спроведен во концентрационен логор. Во текот на следните седум години, Еди се соочувал со незамисливи страдања секој ден – прво во Бухенвалд, потоа во Аушвиц, па на Маршот на смртта. Ги загубил семејството, пријателите, својата земја. Но, бидејќи преживеал, Еди си ветил себеси дека секој ден ќе биде насмеан. Со раскажувањето на својата животна приказна, тој им оддаде почит на сите оние што го загубија животот, споделувајќи ја сопствената мудрост и живеејќи го најдобриот можен живот. И покрај сè што преживеал, тој верувал дека е „најсреќниот човек на светот“. Еди Јаку почина во 2021 година на 101-годишна возраст.

Оваа автобиографска книга е објавена во превод на македонски јазик, во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници, како и онлајн на www.literaturа.mk.