Владанка Д Миче, професор по одделенска настава
Мисла водилка:
Не заборавајте ги децата со аутизам и сите работи што треба да се направат за нив, нивните родители и сиот кадар во образовниот процес што треба да се грижи за нивниот развој!
Огромна е одговорноста на сите вклучени не само во образованието туку и во вклученоста на социјалниот развој на децата и грижата. Тука се мисли на родителите, наставниците стручната служба и специјалните едукатори. Љубов и ентузијазам се неопходни за секое дете, особено за децата со посебни потребно, но сепак тоа е само една алка, од многуте што се потребни за развојот на сите деца.
Детето треба да функционира на училиште, но не само на часот. Животот на детето во училиште не е само на час! Тука спаѓаат и одморите, екскурзии, игри, дружби…
Има деца со аутизам што се вклучени во образовниот процес, но не постои начин ниту наставникот, ниту родителот, ниту специјалниот едукатор – да се справат со ситуацијата. Некогаш се појавува предизвикувачко однесување, проблем со внимание, основна комуникација… Различни се манифестациите кај секое дете, затоа е различен и начинот на справување, со различни методи, кај многу од нив! Затоа се потребни истражувања, собирање искуства и нивна примена на соодветни практики.
Како наставник во одделенска настава размислував колку може да помогне користењето одредени сензорни модалитети за подигање на социјалните и моторните вештини кај децата со посебни потреби, особено кај деца кај кои има дијагностицирано аутизам. Поттикот за ова размислување беа и секојдневните разговори со колегите дека се сочуваат со проблемот како да им се приближат и како да им се помогне на ученците со аутизам, како да се оспособат за социјални вештини, па и како да се мотивираат за постигнување редовни моторни вештини и знаења. Овие разговори ме насочија на размислување за тоа која е потребата и колку ќе биде значајно на учениците од ранливите групи (деца со посебни потреби) да им се посвети позначајно внимание и посебен приод, односно индивидуален пристап за изведување некои вежби и колку тој пристап на часовите по физичко и здравствено образование можат да го подобрат барем социјалниот живот на овие деца од оваа ранлива група.
Наставата по физичко и здравствено образование и спортување сè повеќе зазема видно и значајно место во животот на младите. Во образовните системи на речиси сите земји во светот физичкото и здравственото образование е доминантно и секојдневно, особено кај децата со посебни потреби на кои движењето и играта им се неопходност во развојот.
Истражувањата покажуваат дека користењето на сензорната интеграција на часовите по ФЗО кај децата од ранливите групи, односно кај децата со посебни потреби дава добри придобивки. Тоа е невролошки процес кој на адекватен начин ги организира сензациите кои доаѓаат од сопственото тело и околината, со што се овозможува ефикасно користење на телото во опкружувањето. Конкретно, таа се занимава со тоа како мозокот го обработува влезот на повеќекратните сензорни модалитети и ги претвора во употребливи функционални резултати. Овој пристап е неопходeн за речиси секоја активност која ја извршуваме бидејќи комбинацијата од повеќе сензорни информации е од суштинско значење за нас за да можеме да го сфатиме нашето опкружување.
Оваа метода се занимава со тоа како мозокот ги обработува информациите кои доаѓаат од повеќекратни сензорни модалитети. Ова ги вклучува 5-те класични сетила: вид (гледање), слух (слушање), тактилни информации (допир), олфакторни стимулации (мирис) како и густација (вкус).
Важно е информациите кои доаѓаат од различните сензорни модалитети да бидат веродостојни. Преку сензорната интеграции мозокот може да ги поврзе сите информации во кохерентна перцепција, врз база на интеракција со околината.
Некои спортови можат да бидат навистина предизвик за децата со аутизам. Тоа не значи дека тие треба да стојат настрана од физичките активности, но важно е да им помогнеме на овие деца да го пронајдат спортот во кој ќе учествуваат и уживаат.
Иако често има исклучоци, сепак групните спортови, како фудбал, кошарка, хокеј можат да бидат тешки за децата.Но, доколку кој било од спортовите предизвикува немир и неспокој кај овие деца, тогаш и не мора да го тераме да учествува.
Поттикната од погоре изнесеното, пристапив кон користење метод на практично вежбање со вклучување вежби на сензорна интеграција по потреба на индивидуален пристап кон ученик од ранлива група со дијагностицирано аутизам почнувајќи од вежби за организирано поставување и движење (застанување во редица, во две редици, колона, завртувања, движење во редица, колона, одење по греда, вежби за обликување на телото, вежби за вратот, вежби за рамниот појас и рацете, вежби за трупот, вежби за карлица и нозе, вежби за истегнување и олабавување на мускулите, правилно држење на тело, одење, трчање, скокање, фрлање, фаќање, лазење, качување, повлекување, вежби за рамнотежа, до најразлични игри од забавен и натпреварувачки карактер.
Од истражувањето дојдов до заклучок дека поврзувањето со детето со аутизам е предизвик, понекогаш воопшто не мора да се зборува, доволно е само да се допре за да се оствари комуникација и да се поврземе со него. Потребно е само внимателно да се набљудува детето и да се препознаат знаците на невербална комуникација кои ги прикажува детето. Истражувањето покажа дека треба како наставници да бидеме доста трпеливи внимателни и може да се научи „јазикот“ на кој детето комуницира. Ако сме внимателни, ќе ги забележиме невербалните знаци што ги користат децата со аутизам за да комуницираат.
Ученикот со аутизам кој беше предмет на ова истражување требаше да научи како да се однесува во одредени ситуации, да научи социјални вештини, истражувањето покажа дека треба да биде во инклузивна средина за да види и да слушне како неговите врсници зборуваат и постапуваат, односно треба да биде во простор каде што ќе може да учи од другите соученици. Ако на ученикот со аутизам му треба соодветна помош, тогаш наставникот треба да набљудува како функционира ученикот во инклузивната училница со цел да одреди какви видови поддршка ќе бидат потребни.
Особено корисна алатка при градењето на социјалните вештини е употребата на социјални приказни.
Сите ние се чувствуваме вознемирени кога сме погрешно разбрани или игнорирани. Истата таа вознемиреност ја чувствуваат и децата со аутизам. Несоодветното однесување во одредени ситуации (пројавување на вознемиреност, лутина, гнев, бес) се појавува бидејќи не се разбрани нивните невербални сигнали и со изразувањето на таа нивна фрустрација го привлекуваат вниманието кон себе.
Со користењето одредени вежби прифатливи за ученикот без форсирање дека секоја вежба треба задолжително да ја направи, се развиваат и моторните вештини. Голема улога во добивањето на овие вештини има и образовниот едукатор, кој му помага на самиот ученик, но исто така дава и поддршка на самиот наставник, односно го насочува до каде може да се оди за да не се направи притисок кај ученикот.
Многу наставници се однесуваат премногу заштитнички кон овие деца. Се разбира дека внимателниот однос треба да биде одлика во наставата, но секогаш треба да се внимава на опасноста од потценување на детските можности. Честопати желбата да им се помогне и да се заштитат овие деца доведува до значително намалување на образовната програма и таа не претставува ниту предизвик ниту стимулација. Наставниците треба цело време да ги следат активностите на учениците за да не почувствуваат конфузност и збунетост. На тој начин ќе можат да оценат кои активности да ги стимулираат.
Значајно е да се сфати дека оптимизмот е основа за успешно изведување на наставата особено со ученици кои имаат одредени пречки во развојот и со тоа имаат и посебни образовни потреби.
За да се влијае врз намалувањето на тешкотиите на кои се наидува за време на наставата, наставникот треба да ја познава сложената мрежа на односи кои позитивно или негативно влијаат врз овој проблем: однос дете-дете, дете-наставник, родител- наставник. Ученикот треба да стекне голема доверба кај наставникот, да се има обострана почит. Наставникот да верува во вредностите на ученикот, а ученикот во наставникот. Да се поттикнат децата (соучениците) на заемна почит, да се поттикнат да си помагаат едни на други. Наставниците треба со својот однос да ги охрабрат децата, да им помагаат на децата со посебни потреби.
Според истражувањето кое го спроведов, јасно се гледа дека редовната физичка активност кај ученикот придонесе за подобрување на неговиот социјален живот и секако придонесува и за подобрување на здравствена состојба.
Со истражувањето дојдов до заклучок дека зададените задачи треба да бидат на конкретни ниво, без да содржат некои апстрактни термини или поими, кои ќе создадат конфузност и вознемиреност кај ученикот. Исто така треба да му се овозможат и следните работи:
Ученикот: да седи близу до нас, со што ќе имаме подобар контакт и комуникација, да има доволно простор за движење, активности кои овозможуваат станување и движење;
Колку што можеме да ја намалиме можноста вниманието да му е одвлечено од врева или случувања во околината;
Да му овозможиме дополнително време за работа;
Но, секако, нешто што е многу важно и мораме да го имаме на ум е дека секое дете со аутизам е случај сам за себе, односно сите овие деца не можеме да ги третираме исто, зошто секој случај се разликува, но кај децата како што беше овој ученик и е предмет на оваа студија и кој се третира како „поблаго нарушување“, секако дека можат да се земат добиените резултати, кои би можеле да помогнат во напредување на социјалните и моторните вештини.