На одбележувањето на роденденот на Агата Кристи, „Арс Ламина“ најавува едиција од 12 нејзини романи

Агата Кристи е една од најпознатите авторки на криминалистички романи и воедно креаторка на еден од најпроникливите детективи на сите времиња, Херкул Поаро. Денес (15 септември) се одбележува и нејзиниот роденден, така што обожавателите од целиот свет ѝ оддаваат почит на писателката чии дела и денес ја маѓепсуваат публиката. Издавачката куќа „Арс Ламина“ наскоро ќе промовира дел од едицијата детективско-криминалистички дела на Кристи со кои се одбележува и 100-годишнината од почетокот на нејзиното творештво и ќе може да се најдат следните наслови: „Мистериозниот случај во Стајлс“, „Убиството на Роџер Акројд“, „Лорд Еџвер е мртов“, „Убиство во Ориент експрес“, „Смрт на Нил“, „Зло под сонцето“, „По погребот“, „Завеса“, „Мртво тело во библиотеката“, „Во 16.50 часот од станицата Падингтон“, „Десет мали црнци“ и „Златната топка и други раскази“.

Книгите ќе бидат спакувани во 2 сета по 6 книги, а првично ќе биде промовиран првиот сет кој ќе може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на www.literatura.mk Во него ќе бидат вклучени: „Мистериозниот случај во Стајлс“, „Убиството на Роџер Акројд“, „Лорд Еџвер е мртов“, „Убиство во Ориент експрес“, „Смрт на Нил“ и „Зло под сонцето“. Уредник на едицијата е Надица Фирфова. Делата на Кристи досега биле многупати екранизирани, а во понова продукција се „Убиство во Ориент eкспрес“ во режија и главна улога на Кенет Брана, а во октомври се очекува и премиера на филмот „Смрт на Нил“ според истоимениот наслов на Кристи.

„Арс Ламина“ воедно веќе ја има издадено и автобиографијата на Агата Кристи која исто така може да се купи во книжарниците „Литература.мк“ или онлајн на www.literatura.mk. Во текот на три децении по нејзината смрт на 12 јануари 1976 година, многу читатели и книжевни критичари на делата на Агата Кристи ова дело го издвојуваат како најинтересното, а сепак најмалку познато. Нејзината веродостојна автобиографија, во најголем дел пишувана е во шеесеттите години, скромно го игнорира фактот дека Агата веќе станала најпродаван автор на романи во историјата и се фокусира на нејзиниот фасцинантен приватен живот. Од раното детство кон крајот на 19. век, преку два брака и две светски војни, како и нејзиното искуство како писател и како придружник на археолошките експедиции на нејзиниот втор сопруг, Макс Малован, Агата споделува детали од нејзиниот шарен и понекогаш комплексен живот со вистинска страст и отвореност.

Во нејзината 56-годишна кариера Кристи има создадено и над осумдесет детективски романи и збирки раскази, како и деветнаесет сценски дела под презимето на нејзиниот прв маж, полковникот Арчибалд Кристи. А под псевдонимот Мери Вестмакот има објавено шест љубовни новели.

Огромната популарност на делата на Агата Кристи е забележана и во Гинисовата книга на рекорди како најпродаван и најпреведуван автор на сите времиња. Денес, после цел век од почетокот на нејзиното творештво, сè уште постои огромен интерес за нејзините дела и се создаваат нови генерации нејзини посветени читатели.