На првиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади, кој беше отворен од 11 март до 11 јуни 2025 година пристигнаа 38 ракописи.
Наградата, која е востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка на семејството на Николова, ќе се доделува секоја година, а право на учество имаат сите полнолетни лица кои ќе пратат необјавен ракопис – роман за деца и млади, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо.
Пристигнатите необјавени романи (ракописи), напишани на македонски јазик и со кирилско писмо, ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка) и Јагода Михајловска-Георгиева (писателка). Одлуката за првиот добитник ќе биде објавена во септември 2025. На посебен свечен настан во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе биде врачено признанието.
Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“.
Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е востановена на 11 март 2025, на денот на раѓањето на Оливера Николова, прв без нејзиното физичко присуство меѓу нас. Николова почина на 3 ноември 2024 година. Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитет на големото авторско име на Оливера Николова со симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност, како и да се ревитализира еден од жанровите во кои Николова создаваше – романот за деца и млади, кој, за жал, подолг период е притеснет помеѓу асиметричниот развој на другите жанрови (сликовниците од една страна и романите за возрасни – од друга).
Романот за деца и млади е мошне значаен во целокупниот процес на созревањето на личноста, во текот на образованието, а и пошироко, во емоционалниот и етичкиот развој на индивидуата, така што се очекува наградата „Оливера Николова“ да го ревитализира жанрот, збогатувајќи ја современата книжевност со нови дела.