Многу вљубеници во книгата придонесоа за наградата на „Арс Ламина“ за промоција на читањето

Издавачката куќа „Арс Ламина“ за кампањата „Читањето е супермоќ“ ја освои специјалната награда „Промотор на читачката култура“ што ја доделува „Македонската асоцијација на издавачи“. Во образложението на жири-комисијата беше потенцирано дека тоа е најсилна и највлијателна кампања за поттикнување на читањето со влијание во општеството.

Првата фаза од оваа кампања беше реализирана во соработка со Филозофскиот факултет (Институтот за педагогија) и со здружението за дислексија „Ајнштајн“ со дводневен семинар, насловен како „Развивање на читачките навики и способности кај учениците“, на којшто присуствуваа 1300 претставници од сите нивоа на образование. Идејата беше да се истакнат важноста за создавање читачки навики од најрана возраст, воспитната функција на литературата за деца и да се понудат нови иновативни методи и техники за поттикнување на желбата за читање во рамките на редовната настава во основните училишта.

„Арс Ламина“ во склоп на оваа кампања ја промовираше новата едиција „Лесно читливи лектири“ со современи дизајн и превод, со проред и фонт според критериумите за деца со дислексија, со речник на непознати зборови и со активности за работа на час. Целта на создавањето на оваа едиција беше да го реактуелизираме читањето лектири што беше на исклучително ниско ниво поради слабиот квалитет на преводи, збиеноста на текстот и застарените дизајни и илустрации.

Во втората фаза од кампањата вклучивме дваесетина влијателни личности-промотори на читачката култура кои (во услови на пандемија) на социјалните мрежи споделуваа препораки и инспиративни цитати од своите омилени книги, препорачуваа наслови за деца и преку личен пример објаснуваа зошто читањето е супермоќ. Паралелно со овој слоган на јутјуб-каналот на „Арс Ламина“ се споделуваа видеа насловени како „Нашите вработени ви читаат“ со цел насочување на децата кон пишаниот збор. Кампањата ја поддржа и првата дама Елизабета Ѓорѓиевска сочиј тим заеднички организиравме работилница за деца со нашата авторка Оливија Георгиевска. Под овој слоган беше организиран литературен и ликовен конкурс според мотиви од сликовницата „Девојчето и градот“ на Ване Костуранов на кој пристигнаа стотици творби од ученици од сите основни училишта. Содржини за важноста на читањето од најрана возраст беа споделувани и на блогот literatura.mk, а во рамките на кампањата беа организирани неколку промоции на книги за деца од домашни автори.

Вкупниот опфат на кампањата „Читањето е супермоќ“ е 250.000 луѓе. Сето ова е резултат на тимска работа, многу љубов, страст и верба дека заедно може да ги подобриме читачките навики. Нашите вработени и соработници (автори, универзитетски професори, илустратори, новинари, ТВ-водители, администратори на книжевни форуми, вљубеници во литературата, блогери, јавни личности) со срце и ентузијазам се вклучија во оваа кампања и во тој контекст сакаме да им се заблагодариме на: проф. д-р Ратко Дуев, проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ, проф. д-р Анета Баракоска, проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, Владанка Димова-Урошева, Ана Сенчук, Јана Мишо, проф. д-р Ана Томова, Денис Бојаров, Оливија Георгиевска, Стефани Табаковска, Наде Јовчевска, Марко Марк, Ружица Антиќ, Ерина Богоева, Теона Манго, Моника Ангеловска, Вики Петровска, Силвана Жежова, Сања Савески, Офелија Димковска, Јована Стојменовиќ, Јелена Спенџарска, Јамина Кантарџиева-Димков, Елена Стојановска, Дамјан Николовски, Вики Ристовска, Весна Петрова и Антонија Локвенец.

Оваа награда е заедничка и е огромен поттик да продолжиме да ја развиваме оваа кампања уште поинтензивно.

Би сакале да им честитаме на наградите за „Најдобро ликовно-графички уредени изданија“ на Воскресија Андреевска за едицијата „Македонски книжевни класици“ (Петре М. Андреевски) и на Ване Костуранов за сликовницата „Девојчето и градот“.