„Little Women“ – инспиративна приказна за сестринството, соништата и растењето

Еден од најголемите книжевни класици што оставил длабока трага во уметноста и инспирирал многубројни адаптации е безвременскиот роман „Little Women“ од Луиза Меј Олкот. Од неговото објавување во 1868 година, оваа трогателна приказна за сестрите Марч – Мег, Џо, Бет и Ејми – е симбол на љубовта, сестринството, пријателството и личниот раст.

Овој викенд ви препорачуваме да го погледнете филмот на Грета Гервиг од 2019 година. Последната филмска адаптација на романот е со извонредна актерска екипа: Сирша Ронан, Ема Вотсон, Флоренс Пју, Елајза Сканлен, Лора Дерн, Тимоти Шаламе и Мерил Стрип. Филмот доби шест номинации за „Оскар“, меѓу кои и за најдобар филм, а ја освои наградата за најдобра костимографија. Критичарите го опишаа како нежна, модерна и емотивна интерпретација на класиката – дело што успеа да ги поврзе генерациите и повторно да ја оживее магијата на Олкот.

„Little Women“ е топла приказна што повеќе од еден век ги одушевува читателите и филмските љубители низ целиот свет. Безвременска приказна што нè потсетува дека растењето е исполнето со предизвици, но и со бескрајна љубов, соништа и надеж.  Романот е дел од едицијата „Детски класици“ во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и е реобјавен на англиски јазик, што е убава можност младите читатели да го откријат во неговата изворна форма.

„Little Women“ ја раскажува приказната за четири сестри со различни карактери – зрелата и грижлива Мег, темпераментната и креативна Џо, срамежливата Бет и амбициозната Ејми. Иако секоја ја има својата патека, тие се обединети со љубовта и поддршката во тешките времиња, додека нивниот татко е далеку, во војна. Преку нивните секојдневни радости, грижи и соништа, романот ја слави силата на семејството, женската независност и храброста да се следи сопствениот пат.

Приказната почнува во 1868 година.  Џо Марч работи како наставничка во Њујорк. Господин Дашвуд, уредник, се согласува да ја објави нејзината кратка приказна. Во меѓувреме, нејзината најмлада сестра Ејми, која престојува во Париз со нивната тетка, присуствува на забава со нивниот пријател од детството, Лори. Џо е повредена кога германскиот професор Фридрих Бер, кој живее во нејзиниот пансион, ѝ упатува критика за пишувањето. Откако дознава дека здравјето на нејзината сестра Бет се влошило, се враќа дома во Конкорд, Масачусетс. Седум години порано, во 1861 година, Џо го запознава Лори на забава заедно со нејзината постара сестра Мег. На Божик, нивната мајка Марми ги поттикнува да го подарат својот појадок на сиромашно семејство, а подоцна добиваат богата трпеза како подарок од нивниот сосед, г. Лоренс. Преку тие мали гестови и искушенија, сестрите учат што значи семејство, несебичност и љубов.

Романот во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапен во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.