„Арс Ламина“ го објави класикот за деца „Милиони мачки“ од Ванда Гаг на македонски јазик


Издавачката куќа „Арс Ламина“, преку својот импринт „Либи“, ѝ го носи на македонската читателска публика класикот за деца „Милиони мачки“, од американската писателка и илустраторка Ванда Гаг.

„Милиони мачки“ првпат е објавена во 1928 година и се смета за најстарата американска сликовница која се печати до ден-денес. За нејзината вредност и влијателност зборува и податокот дека е една од неколкуте сликовници кои ја добиле престижната награда во САД, „Њубери“, што ја доделува Здружението на американските библиотеки.

Ванда Гаг се прославила токму со сликовницата „Милиони мачки“, во која ја вовела „панорамската“ илустрација во книгите за деца, односно илустрација што се протега на две страници (спред), нешто што не било познато дотогаш. Исто така, куриозитет е и тоа што Ванда Гаг не го сакала машинскиот печат, па го вклучила својот брат рачно да го испише текстот на „Милиони мачки“. Во оригиналното издание на сликовницата илустрациите се црно-бели. Со цел оживување на масовните и динамични сцени, илустрациите во македонското издание се обоени, што придонесува за приближување на еден „старомоден“ визуелен израз до денешните генерации деца, без притоа да се загрози автентичниот и уникатен стил на авторката.    

Оваа ретро-сликовница раскажува рустикална приказна за старец и старица кои живеат осаменички живот во нивната трошна куќа на село и ќе посакаат да вдомат маче, за да си го направат секојдневието побогато и посреќно. Па така, во потрагата по совршеното маче за нив, старецот ќе ѝ донесе на својата жена стотици, илјадници, милиони, билиони и трилиони мачки што ќе ги собере по патот до дома. Но, во природата на мачките е нивната доминантност, па во борбата за тоа која од нив е најубава и достојна да биде нивна миленичка, ќе остане само едно мало, слабо и искубано маче, кое ќе успее да се скрие од разјареното мноштво. И тоа маче ќе им стане нивниот домашен миленик.

„Милиони мачки“ е повеќе од приказна за домашни миленици. Таа е огледало кое ја одразува нашата перцепција за убавината и за среќата, и поставува прашања што нè тераат на размислување: Зошто ја гледаме убавината различно? Како нашата култура го обликува нашето разбирање за убавината? Може ли убавината да донесе среќа? И кој одлучува што е убаво? „Милиони мачки“ е сликовница која им нуди можност на читателите да ги истражат овие прашања и да ги пронајдат своите одговори.


Книгата веќе е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.