Опис
Вербариум е стара јазична игра во која играчите треба да оформат колку можат повеќе зборови од претходно зададени букви. Оттука произлегува и мноштвото значења што ги има оваа збирка поезија. Напишана во периодот кога Артман е дел од Виенската група, „Вербариум“ се надоврзува на нивната структуралистичка употреба на форми, модели или кодови и нивното деконтекстуализирање како редимејд во нова средина. За Артман, формата вербариум е своевидна алузија на ботаничките хербариуми, но во јазичен контекст. Оттука, тој може да се толкува и како модел за подредување и класифицирање на нештата на ниво на јазик. Артман ги соголува зборовите од нивното значење во реален контекст и ги лоцира во вербариум, своевиден затворен сад за зборови. Збирката се состои од седум вербариуми, односно списоци на зборови, значења, асоцијации, без граматички или какви било други правила и е повеќе производ на интуитивна или математичка постапка.