Опис
„Ова не е книга за преживување на театарот во период на економска рецесија – макар што сенките на кризата постојано се надвиваат во поглавјата што следуваат – туку е книга за самиот поим институционален театар, некомерцијален и, оттука, субвенциониран; за неговите препознатливи доблести, вредности и за придобивките што ги носи тој.“ Вака пишува реномираниот театролог и културен критичар Драган Клаиќ во својата луцидна, аргументирана и елоквентна полемика за одбрана на доблестите на институционалниот театар.
Под притисок на економијата, глобализацијата и културната индустрија, институционалниот театар сè повеќе личи на неговиот двојник, комерцијалниот театар, и некритички го прифаќа неговиот модел. Од друга страна, и покрај субвенциите што ги добива, тој не може да го пронајде моделот што ќе му овозможи правилно да функционира и да го прави тоа што го знае најдобро: да експериментира, истражува и критикува. Веднаш се наметнува прашањето што да се прави?