Опис
„Три Марии“ е трет роман за возрасни на Оливера Ќорвезироска, по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. Авторката поетички сака да се надоврзува на своите претходници, па оттаму доаѓаат и игривото варирање на насловот на романот на Јаневски „Две Марии“ од 1956 година, и именувањето на еден од машките ликови само со Славко, и присуството токму на тој роман на полиците во станот… „Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него… Поднасловот роман-басма во извесна смисла го „оправдува“ присуството на многу фолклористички обичаи, верувања и суеверија, црни судбини, фатуми и карасевди во романот. Иако станува збор за современ роман од нашево време и од нашиов микропростор (Скопје), во него има етнообичаи од североисточна Македонија: китење младоженец со пари, погребување мртовец со кукла… како и свадбарско „мавиле“ од велешкиот крај