Книгата „Зад црвените чадори“ за нерегулираното насилство врз сексуалните работнички достапна во книжарниците „Литература.мк“

Книгата „Зад црвените чадори“ на Јулијана Настоска Петреска, која е адаптација на нејзиниот магистерски труд посветен на нерегулираното насилство врз сексуалните работнички, од неодамна е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и може да се нарача онлајн на www.literatura.mk. Делото кое е објавено од издавачката куќа „Арс Ламина“ се фокусира на сензитивна тема за која, за жал, многу ретко се зборува во македонското општество.

Првиот дел од книгата е насочен кон природата на сексуалната работа како и познатите и непознатите предизвици со кои се соочуваат овие жени. Додека вториот дел е аналитички и дава контекст на првиот дел од „Зад црвените чадори“.

Предрасуди, дискриминација, стигматизација, вербално осудување, насилството, се само дел од мозаикот наречен ’живот на еден сексуален работник‘. Ако сакаме да изградиме добри меѓучовечки односи треба да водиме постојана битка против овие појави. Благодарение на граѓанскиот активизам, постигнат е голем напредок во врска со генералната слика и ставот за ликот на сексуалниот работник.

Покрај тоа што претставува одличен општ вовед во темите поврзани со сексуалната работа, оваа книга обрнува и особено внимание на сексуалните работници како жртви на различни видови насилство. Анализата ги опфаќа нивните психосоцијални карактеристики, причините кои довеле до тоа да бидат жртви, мотивот тие да пријават или да не пријават насилство, нивниот став кон насилникот, нивните идеи за промена на статусот ’жртва на насилство‘ и регулирањето на сексуалната работа.

Јулијана Настоска Петреска е магистер на науки од областа на криминалистиката и криминологијата на „Факултетот за безбедност – Скопје“ на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.