Книгата „Разбуди го родителот во себе“ на проф. д-р Соња Китановска-Кимовска промовирана во Битола

Како да се оствари подобра комуникација со децата? Како родителите да се справат со сите предизвици што ги носи воспитувањето на децата? Како да зборувате за вашето дете да ве слуша? Како да се биде подобар родител?…  Ова беа само дел од прашањата на кои одговори проф. д-р Соња Китановска-Кимовска на работилницата инспирирана од нејзината книга „Разбуди го родителот во себе“ во Битола. На настанот, кој се одржа на 6 ноември (среда) во 18:30 часот, во Дом „Софија“, во Битола, покрај миниработилницата, се одржа и промоција на книгата во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Кон книгата се осврнаа проф. д-р Олга Мурџева-Шкариќ и проф. д-р Сашо Кочанковски, а во улога на модератор беше Софија Ристевска-Петрушева. Настанот беше во организација на Македонско научно друштво – Битола, Интимен театар – Битола и Приватна установа за социјална заштита на стари лица Дом „Софија“, Битола.

Целта на книгата е да им послужи на родителите како дневен прирачник, што ќе ги поттикне да си ја преиспитаат сопствената родителска улога и да им помогне во комуникацијата со детето. Конципирана е во форма на прашања и одговори, за да може читателот полесно да се снајде и брзо да го најде тоа што му е потребно.

Соња Китановска-Кимовска е универзитетски професор, преведувач, активист и едукатор за родители, и воедно е мајка на три деца. Вели дека идејата за „Разбуди го родителот во себе“ настанала откако се соочила со проблеми и дилеми за кои не била лично подготвена и почнала да бара помош во книгите за самопомош на родители. Книгата е наменета за сите што се грижат за деца, имаат или планираат да имаат секојдневен контакт со деца без оглед на возраста на детето и улогата на возрасниот (родители, старатели, баби и дедовци, воспитувачи, негуватели, наставници, студенти на педагогија и психологија).

– Книгата е наменета за секој што сака да напредува во родителската улога и да стане најдобрата верзија од себе во улогата на родител. Книгата отвора неограничени можности за развој на односот со децата, ја буди креативноста и нѐ тера повторно да станеме дете. Да се разбуди родителот значи да се разбуди детето во нас – да ја согледаме неговата перспектива и да постапуваме во согласност со неа, да најдеме баланс меѓу потребите на детето и целите на родителот. Книгата порачува да се разбудиме пред сѐ ние, какви сме како родители и какви се нашите постапки.

Д-р Олга Мурџева-Шкариќ, доктор на психолошки науки, една од рецензентите на книгата истакнува дека книгата е корисно четиво за секој родител.

– Книгата изобилува со применливи техники и активности што им овозможуваат на родителите непосредна позитивна интеракција и комуникација со децата и нивно мотивирање за позитивни промени… Книгата плени со искреност, едноставност, непосредност, но и научна издржаност и мудрост. Почнува како автобиографски роман, со што авторката ве вовлекува во својот интимен, домашен свет за да ги сподели сопствените размислувања, дилеми, подеми и падови, лекции научени на сопствената кожа. Книгата изобилува со практични знаења и вештини што не само што се научно засновани туку и произлегуваат од личното искуство на авторката. Како совети од прва рака, добиваат непроценливо значење за проактивниот читател. Импресионира со способноста да му се доближи на читателот непосредно, на јазикот разбирлив за него – вели д-р Мурџева-Шкариќ.

Проф. д-р Сашо Кочанковски, доктор на психолошки науки и гешталт-терапевт, вели дека „кога првпат ја прочитал книгата истовремено почувствувал радост и благодарност. Радост затоа што во книгата се опфатени теми на кои работи во својата долгогодишна работа како психолог, и благодарност што на македонските родители им се овозможува прирачник кој ќе биде од голема корист“.

– Често на моите клиенти им велам дека треба да ја развиваат и да ја користат мудроста на родителството. Токму тоа, Соња го нуди во својата книга, ги споделува нејзините и научните мудрости на родителството и мајчинството… Книгата е пишувана со искрен, едноставен, разбирлив народски јазик. За родителството се потребни многу знаења, но и многу вештини и ставови кои се стекнуваат преку искуствено учење. Исто така, многу е значајно нагласувањето на ненасилното однесување во воспитувањето на децата, почитувајќи ги нив како личности и во согласност со најдобриот интерес на децата. Авторката исто така го нагласува и фактот дека паралелно со растењето на децата растат и родителите. Зборува за уживањето на родителството иако е потребен голем напор да се излезе во пресрет на сите барања и обврски, лични, на децата, семејни… Со особено задоволство ја препорачувам книгата, не само на сегашните родители, на идните мајки и татковци, туку и на студентите по психологија, како и на дипломираните психолози што работат со деца и млади – вели тој.

Книгата обработува теми и прашања од областа на детската психологија, родителството и воспитувањето деца. Тие се нераздвоен дел од секојдневниот живот во семејството и навлегуваат во суштината на односот меѓу родителите и децата. Научните сознанија и докажаните практики извлечени од референтна научна и стручна литература во книгата се претставени преку личното родителско искуство на авторката. Ова е прва книга од ваков вид напишана на македонски јазик и од македонска авторка. Книгата е поделена на два дела. Во првиот дел се обработени емоциите, а вториот дел е посветен на воспитувањето на децата.

Соња Китановска-Кимовска има завршено магистерски студии по англиски јазик и применета лингвистика на Универзитетот „Кембриџ“, Обединето Кралство, а докторирала во областа на преведувањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Од 2003 година работи како слободен преведувач/толкувач, а 2010 година предава на Катедрата за преведување и толкување при УКИМ. Од 2019 г. е сертифициран едукатор за позитивна дисциплина, а од 2023 г. соосновач на платформата за позитивна дисциплина во Македонија (www.pozitivnadisciplina.mk). Нејзината мисија е да ги заштити децата од насилство при воспитувањето во домот и надвор од него, да ја подигне општествената и индивидуалната свест за позитивните пристапи кон воспитувањето и родителството, да ги зајакне социјалните и емоционалните вештини на родителите/старателите и, индиректно, на децата заради градење позитивни односи меѓу нив и олеснување на меѓусебната комуникација. Таа мисија ја остварува преку профилите „Родители од акција“ на социјалните мрежи (Instagram, Facebook, YouTube, www.roditeliodakcija.mk) и преку работилници и курсеви за позитивна дисциплина.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.