Засолнет во својата Струга, надвор од сите ситни збиднувања и зделки на нашето книжевно секојдневие, речиси испоснички скромен и повлечен (но истовремено аристократски достоинствен во својата дистанцираност), Димитрие Дурацовски ни испраќа – одвреме-навреме – знаци за духовните аџилаци низ кои минува, не одделувајќи се од почвата на својот роден град. Зборовите „Димче Дурацовски има нова книга“ звучат, поради тоа, како шифрирани пораки што се пренесуваат, небаре во некоја заговорничка конспирација, низ скопските книжевни кругови… Со овие мисли од поговорот на академик Влада Урошевиќ, ја претставуваме новата книга на Димитрие Дурацовски – „Околу три по полноќ“. Ова негово прво дело по пауза од една деценија е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Станува збор за уникатно издание, отпечатено со две различни корици: празничен примерок и делничен примерок. На неодамна доделените награди на Македонската асоцијација на издавачи, на Саемот на книгата 2025, книгата освои второ место во категоријата за највпечатлив целосен дизајн (корица и внатрешност) на издание за возрасни.
„Околу три по полноќ“ е многу нешта: хибридна проза, експериментален роман, несекојдневен дневник… прегратка меѓу текстуалното и визуелното, меѓу дарбата и знаењето… но, над сè – раскошен каталог на едно широко време и едно длабоко постоење. Бесценет експонат од изложбата на современата македонска книжевност.
Станува збор за речиси графички роман, каде што визуелното е еден вид доработка на раскажувачкиот ритам на Дурацовски. Во книгата се вклучени повеќе од 120 фотографии, плакати, омоти од книги и плочи, како и уметнички слики, сè со целосна реализација на хибридниот текстуален концепт и на визуелно ниво.
Во дизајнот на кориците, чиј автор е Марко Трпески, искористена е слика од самиот Дурацовски, врз која е интервенирано со негова фотографија. Колажната постапка на Трпески создава несекојдневен визуелен ефект, каде што авторот на книгата и на сликата се појавува како реален лик: еднаш во костум (празничен примерок), другпат во обична кошула (делничен примерок).
Димитрие Дурацовски (1952) е писател и сликар, кој работел како ликовен соработник во Народниот музеј во Струга. Припаѓа на т.н. петта генерација, односно петтиот круг на автори што се појавија на македонската книжевна сцена во 1980-тите години. Тој е и предвесник на современиот концептуален ликовен израз во Македонија. Целиот негов опус е обележан со постмодернистичка естетика.
Автор е на култните збирки раскази „Тајна историја“ и „Црни пророци“, како и на романите „Insomnia“ и „Бледи сенки, далечни гласови“. „Околу три по полноќ“ е неговата петта книга – хибридна проза, експериментален роман, несекојдневен дневник… но над сè, раскошен каталог на едно широко време и едно длабоко постоење.
Дурацовски е двократен добитник на наградата „Рациново признание“ (за „Insomnia“ и за „Бледи сенки, далечни гласови“), како и на државната награда „11 Октомври“ за животно дело. Во 2023 година, во Националната галерија Чифте-амам, беше отворена неговата ретроспективна изложба „Ветар параклет“, прва по речиси 40 години неизложување.
Книгата „Околу три по полноќ“ веќе е достапна во сите поголеми книжарници, како и онлајн на: www.literatura.mk