Издавачките куќи „Арс Ламина“ и „Cambridge University Press & Assessment“ ја поддржаа XII Конференција на ЕЛТАМ

Издавачката куќа „Арс Ламина“, претставувајќи ја и издавачката куќа „Cambridge University Press & Assessment“, учествуваше на XII Конференција на ЕЛТАМ (Здружението на наставници по англиски јазик на Македонија), што се одржа на 8 и 9 октомври 2022 година, во хотелот „Дрим“ во Струга. Темата на конференцијата, која се одржува по 12 пат, беше со наслов „Exploring and Sharing the Art of Teaching (Истражување и споделување на уметноста на учењето).

На оваа значајна конференција на ЕЛТАМ, здружение што континуирано и несебично се грижи за професионалниот развој на наставниците по англиски јазик кај нас, со свое видеообраќање и презентација се обрати и Сара Елис од „Cambridge University Press & Assessment“. Презентацијата насловена како „TH!NK: supporting learners to achieve their full potential“ беше всушност кратка прошетка низ второто издание на програмата „TH!NK“. Таа се користи и кај нас во наставата по англиски јазика во втора и трета година во средното образование. Акцент беше ставен на делот „The Cambridge Life Competencies Framework“, односно рамка што е внимателно интегрирана во учебните материјали, за да им се помогне на учениците колку што е можно подобро да го постигнат својот целосен потенцијал.

Наставниците, кои со голем интерес ја следеа оваа презентација, исто така беа запознаени и со алатките за развој на вештините за критичко размислување, кои во моментот се тренд при креирањето на најсовремените учебници и други ресурси при изучување на англискиот јазик.

Изданијата на „Cambridge University Press & Assessment“ се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“.