„Единствената жена во просторијата“ – вистинска приказна за Хеди Ламар, генијалниот ум зад WiFi, GPS и Bluetooth

Познатата холивудска ѕвезда Хеди Ламар, која истовремено била и позната иноваторка, е инспирација за новата книга „Единствената жена во просторијата“ од Мери Бенедикт. Романот на македонски јазик излегува во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, што ја објави и претходната книга на Бенедикт, бестселерот „Другиот Ајнштајн“.

Хеди Ламар, покрај тоа што важела за најубава жена на своето време, била и еден од најгенијалните умови на својата ера. Нејзините идеи се темел на модерната комуникација: таа го измислила концептот на технологијата која денес ја користиме за WiFi, GPS и Bluetooth. Австрија, Германија и Швајцарија го одбележуваат 9 ноември, роденденот на Хеди Ламар, како Ден на пронаоѓачите.

Книгата го раскажува патот на младата австриска актерка Хедвиг Кислер, која обидувајќи се да го заштити своето семејство во пресрет на аншлусот – приклучувањето на Австрија кон нацистичка Германија – се мажи за Фридрих Мандл, богат индустријалец и производител на оружје. Краткиот и несреќен брак завршува со бегството на Хедвиг во Америка, каде што од Австрија понесува многу повеќе од спомени. Набргу, таа станува позната како Хеди Ламар, „најубавата жена на светот“.

Никој не претпоставува дека холивудската ѕвезда некогаш била научничка и дека поседува важни информации за непријателското производство на оружје. Во моментот кога Америка влегува во војната, Хеди Ламар и нејзиниот соработник Џорџ Антејл веќе имаат подготвен изум – уред што може да ја смени историјата.

Која била Хеди Ламар?

Хеди Ламар е родена на 9 ноември 1914 година, во Виена. Познатиот режисер Макс Рајнхарт изјавил дека Хеди Ламар е најубавата жена во Европа. Кога емигрирала во Америка, за неа се пишувало дека е „најубава жена во филмот“.

Иако нејзините глумечки квалитети се неоспорни, поголемо значење од филмските остварувања имаат нејзините патенти. Хеди Ламар била пионер на безжични комуникации: нејзиниот „систем за тајни комуникации“ бил користен од американската војска против нацистите во Втората светска војна. Во 1941 година, заедно со Џорџ Антејл, регистрирала патент за проширен спектар, кој десет години подоцна почнала да го користи американската морнарица, а денес неговите принципи се применуваат во мобилни телефони, телефакси и сите безжични уреди. Хеди Ламар живеела 86 години, била мајка на три деца, имала 7 брака I снимила повеќе од 30 филмови. Починала на 19 јануари 2000 година.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.