Едицијата „Големи зборови за мали уши“ ќе биде промовирана на Светскиот ден на детето, 20 ноември

На Светскиот ден на детето, 20 ноември, во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе биде промовирана едицијата „Големи зборови за мали уши“, на издавачката куќа „Арс Ламина“. Промотор на едицијата ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска, а пред публиката ќе се обратат авторите на сликовниците.

По минатогодишното претставување на првата книга од едицијата, „Градоначалник“ од авторката Илина Мангова со илустрации на Александар Сотировски, излегоа од печат уште шест нови сликовници: „Идентитет“ од авторката Калина Малеска, со илустрации  на Рената Јосифовска, „Непотизам“ (Иван Дричко, илустрации: Здравко Гиров), „Предрасуди“ (Владимир Мартиновски, илустрации: Јована Ристоска), „Традиција“ (Елизабета Баковска, илустрации: Александра Филипоска), „Дипломатија“ (Горица Атанасова-Ѓоревска, илустрации: Здравко Гиров) и „Екологија“ (Фросина Пармаковска, илустрации: Александар Сотировски).

Целта на едицијата „Големи зборови за мали уши“, во издание на „Либи“, дел од Арс Ламина – публикации, е да им ги доближи на децата големите, „страшни“ и навидум неразбирливи зборови. Понекогаш малите уши на децата не ги разбираат големите зборови на возрасните. Со едицијата учиме големи зборови преку мали приказни од секојдневието и ги подготвуваме децата за светот што ги чека!

Книгите се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.