На 29-тиот Конгрес на Балканското Стоматолошко Здружение (29th Congress of the Balkan Stomatological Society), кој се одржа од 24 до 26 април 2025 година во Белград, Србија, предавач беше и еминентниот д-р Арналдо Кастелучи. Тој настапи со предавање на тема: „Како современите технологии и новите материјали можат да го поедностават ендодонтското лекување: практични совети“ (How Modern Technologies and New Materials Can Simplify Endodontic Treatment: Practical Suggestions).
Д-р Арналдо Кастелучи е меѓународно признат експерт во областа на ендодонцијата. Публиката од Македонија добро го памети како специјален гостин на 26-тиот конгрес на Balkan Stomatological Society што се одржа во Скопје во мај 2023 година, кога одржа свое предавање и го промовираше македонското издание на книгата „Микрохируршка ендодонција“.
Изданието „Ендодонција“ на д-р Арналдо Кастелучи, објавено на македонски јазик од Арс Ламина, е вистинско ремек-дело. Книгата ја опфаќа ендодонцијата во минатото, ендодонцијата сега, нејзините трендови и ендодонцијата на иднината. Ги прикажува промените во ендодонтските технологии: од еволутивната историја до правилната препарација на пристапниот кавитет, чистење и обликување и 3Д-полнење, од интердисциплинарната ендодонција до постендодонтската реставрација, ниеден детаљ не е пропуштен во описот на терапевтските методи што се потребни за клинички успех.
Том I почнува со поставување на темелите на ендодонтската дисциплина и овозможува читателот да го разбере буквално секој актуелен метод на ендодонтско чистење и обликување со извонредни илустрации што го покриваат секој детаљ од техниката.
Во том II е прикажан методот на оптурација и се фокусира на она што е важно во ендодонцијата за да заврши на начин на кој читателот лесно може да сфати и веднаш да го примени во својата практика. Дијагноза, чистење и обликување и, последователно, тридимензионална оптурација на коренските канали се најкритичните аспекти на ендодонцијата. Поглавјата посветени на овие теми се исцрпни како и поглавјето за ендопародонталните односи и за влијанието што го имаат двете патологии една на друга. Поглавјата за ортоградни и хируршки повторни третмани го прават текстот уште поактуелен и практичен, како и новите поглавја за тридимензионална радиологија и за регенерација на пулпата.
Делото е дополнето и со 75 видеа што прикажуваат клинички случаи што се многу значајни и се достапни директно преку QR-кодови или на интернет-страницата endodoncija.arslamina.com.









