Читаме во ⅞ ритам – „Арс Ламина“ дел од македонскиот штанд на 76. издание на Саемот на книгата во Франкфурт

Издавачката куќа „Арс Ламина“, како членка на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), и годинава ќе биде дел од македонскиот штанд на 76. издание на Саемот на книгата во Франкфурт, што ќе се одржи од 15 до 19 октомври.

Годинашното претставување на македонската книжевност е инспирирано од седумосминскиот ритам, препознатлив белег на македонската музика и култура. Креативниот концепт се потпира на мотото „Читај во 7/8. Приказни со единствен ритам“.

Со специјално дизајниран штанд на површина од 32 квадратни метри, Македонија и оваа година ќе се претстави во меѓународната четврта хала, како дел од најголемиот светски настан посветен на издаваштвото.

На Саемот на книгата во Франкфурт, што важи за најзначаен деловно-книжевен настан во светот, македонската книжевност ќе биде прикажана како збир од нерамноделни, оригинални и непредвидливи гласови – книжевност со свој единствен ритам, која фасцинира и заведува, исто како и нашата музика.

Во Франкфурт ќе присуствува делегација на МАИ, која пет дена ќе ја претставува македонската книжевност пред издавачи, агенти, автори, преведувачи и посетители од целиот свет.

Во каталогот на годинашното претставување се застапени околу 70 автори, меѓу кои и бројни писатели на книги за возрасни и за деца чии дела се издадени од „Арс Ламина – публикации“.

Во продолжение проследете ги двата каталога:

📘 Каталог на книжевност за возрасни: https://mai.org.mk/macedonian-literature/catalogue-adults-2025/

📗 Каталог на книжевност за деца: https://mai.org.mk/macedonian-literature/frankfurt-catalogue-2025-for-children/

Првпат во каталогот за деца се вклучени и дваесетина илустратори. На штандот ќе бидат изложени многубројни дела од двата каталога, како и преводи на англиски јазик, подготвени за минатогодишното претставување.

Саемот на книгата во Франкфурт е најголемата и најпосетена книжевна манифестација во светот. Оваа година се одржува 76. пат, а почесна земја-гостин е Филипини. Во рамките на програмата се очекуваат околу 4.000 настани – промоции, панели и дискусии, со 10.000 новинари и 7.500 претставници на издавачи од повеќе од 100 земји, а бројот на посетители се очекува да надмине 230.000.