Автор во фокус: Морис Леблан – таткото на крадецот-џентлмен Арсен Лупен

Тој е шармантен, интелигентен и секогаш чекор пред сите – вистински мајстор на префинети кражби, лукаво надмудрување на полицијата и совршено бегство.

Арсен Лупен, крадецот-џентлмен, не е само лик од романите на Морис Леблан, туку симбол на бунтовен ум, остроумие и елеганција. Свој печат остава и во современата поп-култура, инспирирајќи филмови, стрипови и модерни адаптации – меѓу кои и хит-серијата „Лупен“ на Netflix, што повторно го врати ликот на Лупен во центарот на вниманието.

Во рамките на акцијата „Автор во фокус“, од 22 до 26 октомври, книгите за Арсен Лупен од Морис Леблан ќе бидат достапни со 30 % попуст во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk

Станува збор за насловите: „Arsene Lupin versus Herlock Sholmes“, „Further Adventures of Arsene Lupin“, „The Secret of Sarek“, „The Eight Strokes of the Clock“, „The Secret Tomb“, „The Mélamare Mystery“, „Memoirs of Arsene Lupin“ и „The Confessions of Arsene Lupin“. Книгите на англиски јазик се објавени од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Со купен сет книги од авторот следува и подарок – ваучер за кафе во Café Literatura.

Морис Мари Емил Леблан (1864–1941) е француски романсиер и автор на раскази, познат како творец на легендарниот лик Арсен Лупен, крадец-џентлмен и детектив – францускиот пандан на славниот Шерлок Холмс.

Морис Леблан е роден на 11 декември 1864 година во семејство на трговец со бродови и текстилна наследничка. Уште во младоста бил во контакт со големите имиња на француската книжевност – Густав Флобер и Ги де Мопасан, кои силно влијаеле врз неговиот стил. Иако студирал право, го напуштил факултетот и се посветил на новинарството и литературата.

Во 1893 година го објавил првиот роман „Une femme“ (Една жена), со кој привлекол внимание на критиката. Потоа следувале уште неколку дела, но вистинскиот пробив дошол во 1905 година, кога уредникот на списанието Je sais tout му предложил да создаде лик инспириран од англиските криминални херои, како А. Џ. Рафлс и Шерлок Холмс. Така се родил Арсен Лупен.

Првата приказна, „Апсењето на Арсен Лупен“, веднаш доживеала огромен успех, а две години подоцна излегла првата книга „Arsène Lupin, Gentleman-Burglar“. До 1907 година, Леблан целосно се посветил на пишувањето на серијалот за Лупен, кој станал сензација во Франција и светот. Како и Конан Дојл, и Леблан во еден момент се чувствувал „заробен“ од славата на својот лик и се обидел да создаде други херои – како приватниот истражител Џим Барнет – но публиката секогаш го барала Лупен.

Интересно е што за да избегне тужба од Артур Конан Дојл, наместо Шерлок Холмс во книгата „Arsene Lupin versus Sherlock Holmes“ го преименувал својот детектив во Херлок Шолмс.

Во 1908 година ја добил Легијата на честа за својот придонес во француската книжевност. Леблан живеел и творел во својата куќа во Етретa, Нормандија, денес претворена во музеј „Le Clos Arsène Lupin“, посветен на неговиот живот и дело. Таму напишал 19 романи и 39 раскази, а неговиот опус вклучува и два научнофантастични романи – Les Trois Yeux (1919) и Le Formidable Évènement (1920).

Починал во Перпиња во 1941 година, а подоцна неговите посмртни останки биле пренесени и повторно погребани во Париз, на гробиштата Монпарнас.

Арсен Лупен е еден од најпознатите и најобожавани книжевни ликови – крадец со стил и морал, кој своите кражби ги претвора во уметност. Врз основа на неговите авантури, Netflix ја сними француската серија „Лупен“, со харизматичниот Омар Сај во главната улога. Во оваа модерна адаптација, Сај го толкува ликот на Асан Диоп – човек инспириран од подвизите на Лупен, кој со интелигенција, шарм и чувство за правда се бори против неправдите на денешното општество. Серијата стана глобален феномен уште по премиерата, влегувајќи меѓу најгледаните на Netflix и повторно разбудувајќи го интересот за француската криминалистичка литература.

Не пропуштајте ја неделата посветена на Морис Леблан и неговиот ненадминлив крадец- џентлмен – Арсен Лупен!