Дигиталната ера ја доби својата Агата Кристи! Младата британска авторка Луси Фоли веќе е добро познато име во книжевните кругови, постигнувајќи светски успех со своите крими-трилери „Списокот со гости“, „На лов“, „Станот во Париз“ и најновиот – „Полноќна гозба“. Овие бестселери, кои на македонски јазик се во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, од 20 до 24 август ќе бидат на 30 % попуст во сите книжарници на Литература.мк и онлајн на www.literatura.mk, во рамките на акцијата „Автор во фокус“. Со купен сет книги од авторката, добивате и подарок – ваучер за кафе во Café Literatura.
Луси Фоли е родена на 16 август 1986 година, во Сасекс. Завршила студии по англиска книжевност на универзитетите во Дурам и Лондон. Пред да стане писателка, работела во книжарница, во литературна агенција и како уредник на белетристика во Headline Publishing. Додека работела како уредник, го напишала својот прв роман „Книга на изгубено и најдено“. По големиот успех на овој љубовен роман, целосно се посветила на пишувањето, патувањата и сликањето. Освен начинот на живот, го сменила и жанрот – ги напуштила љубовните приказни и целосно се насочила кон крими-романите. Досега има објавено седум романи, од кои три историски романси, а преостанатите се крими-трилери.
Нејзините романи се преведени на повеќе од 40 светски јазици и се продадени во над пет милиони примероци. Книгите се бестселери број 1 на листите на „Њујорк тајмс“ и „Сандеј тајмс“. Во тек е телевизиска и филмска адаптација на три нејзини трилери.
Секој што ги читал книгите на Агата Кристи ќе го препознае нејзиниот дух во делата на Фоли – и таа не крие дека токму тоа ѝ била намерата.
„Сакав модерна Агата Кристи и токму таа желба ме наведе да напишам трилер“, изјави таа по повод објавувањето на романот „На лов“. „Клучната разлика е во тоа што во раните дела на Кристи постојат детективот Поаро, госпоѓица Марпл или полицаец. Не го сакав тоа. Намерата ми беше да излезам од таа шема, да го изоставам детективот и на тој начин нарацијата да ја направам понесигурна.“
Одличен показател дека и другите ја препознаваат сличноста е тоа што Луси Фоли е избрана како една од 12-те авторки кои, со благослов на фондацијата „Агата Кристи“, напишале нови приказни за госпоѓица Марпл („Марпл: дванаесет нови приказни“).
Во продолжение ги претставуваме содржините на „Полноќна гозба“, „Станот во Париз“, „Списокот со гости“ и „На лов“, кои се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.
„Полноќна гозба“
Инспирирана од патувања низ Западна Англија и од локалниот фолклор, почнала да го осмислува романот „Полноќна гозба“. Летни жешки бранови, локација со минато, повторна средба што добива мрачен пресврт. И така „Полноќната гозба“ оживеа… Романот почнува на ноќта на отворањето на новиот и раскошен хотел „Дворецот“ на самото крајбрежје. Сè почнува со една тајна, пред петнаесет години. А, сега, минатото се појавува како непоканет гостин. И сето тоа ќе заврши со смрт… на летната полноќна гозба. Секој носи свои мотиви. Секој има своја приказна. Но, сите нема да ја преживеат полноќната гозба.
„Станот во Париз“
Приказната се врти околу мала група луѓе, (само)изолирани во луксузна куќа во Париз. Зад богатството и гламурот се кријат влага и урнатини. Една девојка, непоканет гостин, влегува во тој свет и открива пукнатини во совршената фасада. Нејзиното патешествие во откривањето на вистината за тоа што се случило со нејзиниот брат го следиме од повеќе агли. Приказната е толку непредвидлива што дури на последната страница можеме да бидеме сигурни што навистина се случило. „Станот во Париз“ се наоѓа на тромеѓата меѓу серијата „Само убиства во зградата“, друштвената игра „Клуедо“ и романите на Агата Кристи. Ако сакате помодерна варијанта на Кристи, оваа книга е вистинскиот избор.
„Списокот со гости“
Најдобриот трилер според „Гудридс“ за 2020 година и бестселер на „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, „Списокот со гости“ е продаден во над два милиони примероци во светот. Приказната се случува на остров крај брегот на Ирска, каде што се собираат гости за венчавката на двајца луѓе. Но, совршенството е за планови, а луѓето се несовршени. Најстариот пријател на невестата држи чудна здравица… и тогаш некој е мртов. Кој не им посакува добро на младоженците? И, можеби уште поважно – зошто? Книгата во 2020 година беше прогласена за најдобар трилер/мистерија на изборот на „Гудридс“ и стана една од најпрепорачуваните книги на Reese’s Book Club (книжевниот клуб на Рис Витерспун).
„На лов“
„На лов“ е дебитантски криминалистички роман на Луси Фоли. Инспирацијата за книгата е едно зафрлено место во Шкотска, кое ја разгорело нејзината фантазија. Атмосферата на дочекот на Новата година се загрева – девет добри пријатели ја поминуваат вечерта разменувајќи приказни и потсетувајќи се на одамна заборавени спомени…