„Арс Ламина“ освои седум награди од Македонската асоцијација на издавачи на Саемот на книгата 2025

Издавачката куќа „Арс Ламина“ доби седум признанија од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) на традиционалното доделување награди во рамките на Саемот на книгата. На доделувањето на наградите, што се одржа денеска во Арената „Борис Трајковски“, „Арс Ламина“ ја  доби првата и втората награда во категоријата за најкреативно издание. Првото место го освои за книгата „Се викам Храброст“, а второ место за „Девојчето и куклата што патува“ од Александар Русјаков, со илустрации на Јордан Гавриловски.

Второ место освои и во категориите: оригинален дизајн на корица: „Книга за Петре“ (приредена од Оливера Ќорвезироска, со портрети од Сергеј Андреевски), за највпечатлив целосен дизајн (корица и внатрешност) на издание за возрасни: „Околу три по полноќ“ од Димитрие Дурацовски, како и во категоријата за поттикнување општествена одговорност: за донацијата на библиотеката „Соба од бајките“ во Детската клиника во Скопје. Меѓу наградите се и две трети места за:  Оригинален дизајн на корица за романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, со детaљ од слика на Славко Јаневски и доработка од Марко Трпески, и за Најдобра книга за деца за „Нови бајки од Македонија“ од група автори со илустрации од Орце Нинески.

За наградените проекти на „Арс Ламина“:

„Се викам Храброст“ е книга посветена на 50 исклучителни жени од нашето минато и од нашата сегашност. Од Сирма Војвода до Вера Ацева и Илина Арсова, ова дело зборува за жени кои со својот дух, упорност и истрајност успеале да се афирмираат како силни женски личности кои ќе го посветат животот или, пак, ќе го дадат својот живот за повисоки цели и за исполнување на нивните сништа. Ова уникатно издание се издвојува и со впечатливиот графички дизајн и умешно осмислен визуелен идентитет. Во основата на дизајнот е поп-арт стилот, со динамичен колорит – како контраст за црно-белите фотографии и архивски документи. Оваа книга е своевиден споменар со колажи, доцртувани елементи и исписи. Ова издание поттикна развивање на дизајнерска линија на подароци (чаши, торби, обетки, беџови, налепници и др.), на кои се застапени ликовите од книгата, со цел популаризација и актуализација на овие значајни жени и на нивните дела. Во рамките на промоцијата на книгата се одржа и изложба со дизајнерските решенија од книгата.

„Девојчето и куклата што патува“ е креативно издание по повеќе параметри: како надоврзување на трендот за авторство врз база на анегдотата за средбата на Кафка со едно девојче во паркот, како и вклучување на Македонија во светското одбележување на 100-годишнината од смртта на Кафка. Форматот и формата (како писмо) дополнително ја подвлекуваат креативноста на ова издание.

 Креативноста на „Книга за Петре (сите лица на расказот)“ – несекојдневна чествувачка антологија во чест на 90-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски, се состои во напорот да се создадат и објават 19 нови раскази од исто толку современи македонски раскажувачи, во чест на Петре М. Андреевски. Во македонскиот книжевен контекст, ова е прва антологија од ваков тип: наменска, чествувачка, тематска и мошне креативна како идеја воопшто, но и како реализација.

Книгата „Околу три по полноќ“ е печатена со две корици: празничен примерок и делничен примерок. На неа е употребена сличната постапка како на корицата на „Три Марии“ – со тоа што е искористена слика од Димитрие Дурацовски и на неа е интервенирано со фотографија на Дурацовски. Колажната постапка на Марко Трпески дава несекојдневен афект, авторот и на книгата и на сликата којашто се користи за корицата е „присутен“ како реален лик: еднаш во костум (празничен примерок); другпат во обична кошула (делничен примерок). „Околу три по полноќ“ е речиси графички роман, каде што ликовното е доработено според раскажувачкиот ритам на Дурацовски. Употребени се повеќе од 120 фотографии, плакати, омоти од книги, плочи… уметнички слики со доработка и со целосно спроведување на хибридниот текстуален концепт на Дурацовски и на визуелно ниво.

Корицата на романот „Три Марии“ – Оливера Ќорвезироска е несекојдневен спој на ликовна предлошка од еден автор/дело/слика (детаљ од сликата „Бош“ на Славко Јаневски) и постмодернистичка доработка од дизајнер (Марко Трпески). Употребата на лакот на корицата е во функција и на дистинкција на авторството: тоа што е од Славко Јаневски е со лак, другото е на Марко Трпески.

„Нови бајки од Македонија“, која е во издание на „Арс Ламина“ и Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, е збирка од 24 современи, авторски бајки, кои го збогатуваат омилениот жанр на децата. Некои од нив се случуваат и во наше време, на наши предели и со препознатливи ликови од нашето опкружување, со што уште повеќе им се приближуваат на малите големи читатели. „Нови бајки од Македонија“ го вдомуваат светот на бајките со коишто сме пораснати во македонскиот јазик. Тие истовремено и го развиваат авторскиот глас произлезен од најубавата традиција на раскажувањето. Во книгата се застапени бајки од 23 автори, кои беа селектирани за најдобри или влегоа во потесниот избор на конкурсот „Нови бајки од Македонија“ од 2020 година и кои беа објавени изминатите години како посебни сликовници или беа дел од книгата „Детелинки-белинки“. Новото издание е збогатено со нови, раскошни илустрации, кои ги нацрта Орце Нинески.

Со цел да им го олеснат периодот на лекување на најмладите во Детската клиника – Скопје и да им влеат надеж и радост, издавачката куќа „Арс Ламина“ и  авторот Зоран Спасов Ѕоф ù донираа библиотека. Ова книжевно катче наречено „Соба на бајките“ е сместено на вториот кат на Детската клиника. Визуелно е збогатено со илустрациите од книгата со најубавите бајки на сите времиња „Си беше еднаш“ (издание на „Арс Ламина“) која е со илустрации на Наталија Лукомска. Оваа книга, заедно со уште 100 други книги за деца, сликовници, читанки и лектири на македонски и на албански јазик се најдоа на полиците на библиотеката наменети за сите дечиња што престојуваат во клиниката. Библиотеката е направена и опремена со средства од продажбата на хит-книгата на Ѕоф – „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“, која беше објавена претходната година.