Под слоганот „Храбри нови приказни“, издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе биде дел од 37. издание на „Саемот на книгата“, кој ќе се одржи од 8 до 14 мај 2025 година во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје. Штандот, инспириран од книгата „Се викам Храброст“, со динамичен дизајн и смели тонови, ќе понуди повеќе од 1.000 наслови: детска литература, белетристика, популарна психологија, стручна литература, книжевни класици и друго.
„Арс Ламина“ ја збогатува домашната книжевна сцена со повеќе од 100 нови изданија и нуди богата програма со средби со автори, инспиративни настани и креативни работилници за деца. Книгите ќе бидат подостапни за сите граѓани преку попусти до 80 %, како и со специјални понуди на книги за 50, 100 или 200 денари.
Програмата почнува на 9 мај (петок) во 10 часот со работилницата за деца од предучилишна возраст „Мали умни глави“, по што следува интерактивен настан за ученици од основните училишта, инспириран од книгата „Се викам Храброст“. На инспиративната средба со почеток во 11 часот ќе присуствуваат и дел од жените – хероини застапени во книгата.
Во чест на Денот на победата над фашизмот (9 мај), во 18 часот ќе се одржи настанот „Книжевноста во одбрана на слободата“, со авторите Моџо Килингтон и Иво Митев-Жиле. Моџо ќе го потпишува својот нов партизански роман „СФ-СН“, а Жиле својот роман „73 дена“, за патувањето на бродот „Галеб“ на Јосип Броз Тито во 1961 година, познато како „Патот на мирот“.
На 10 мај (сабота), во 11 часот, ќе се одржи работилница за деца инспирирана од омилените книжевни серијали за Исидора Мун и Мирабела од Хариет Мункастер. Во 12 часот следува средба со популарниот автор Зоран Спасов Ѕоф, кој ќе го потпишува својот нов роман „И јас сум Сирма“. Во 14 часот, читателите ќе имаат можност да се сретнат со еминентните македонски писатели Владимир Мартиновски (кој ќе го потпишува сонетниот венец „Часови без часовник“) и Владимир Јанковски – добитник на наградата „Пегаз“ за 2024 година за романот „Ехото на акробатите“.
В недела (11 мај) следува богат и разновиден книжевен ден. Во 11 часот, ќе се одржи интерактивниот настан за фанови – „Платформа 9¾: Волшебно патување со Хари Потер“ на кој ќе има квиз на знаење, креативна работилница и дружење со ликовите од серијалот на Џ. К. Роулинг.
Во 13 часот ќе се одржи потпишување книги со македонските авторки: Јана Мишо („Што се случи со Исидора?“), Јована Матевска-Атанасова („Риба во(н) мрежа“, „Шарени ириси“), Кристина Краличин („И“) и Билјана Герасимовска („Неочекувано“).
Во 15 часот ќе се одржи настанот „На ручек со Антонио“, каде што познатиот нутриционист Антонио Велковски ќе го потпишува готвачот „Ајде да јадеме“.
На истиот ден ќе го одбележиме и роденденот на славниот музичар Ѓорѓе Балашевиќ, со книжевно-музички омаж за неговото творештво, преку биографската книга на Иван Ивачковиќ – „Панонскиот адмирал“.
Во 18 часот е закажана дружба со фудбалската легенда Дарко Панчев и авторот и спортски новинар Зоран Михајлов, кои ќе ја потпишуваат авторизираната биографија „Дарко Панчев“.
На 12 мај (понеделник), во 10 часот, ќе се одржи работилница за деца инспирирана од списанието за предучилишна возраст „Ѕвезди“, а во 11 часот – работилница за ученици поттикната од списанијата „Прв детски клик“ и „Детски клик“.
Во 12 часот следува средба со писателот Александар Русјаков, инспирирана од неговата прва книга за деца „Девојчето и куклата што патува“, на која ќе се изработуваат разгледници.
На 13 мај (вторник), програмата почнува со работилница за најмладите инспирирана од книгата „Нови бајки од Македонија“, на која децата ќе ги цртаат омилените ликови од бајките. Во 11 часот, авторката и политиколог Илина Мангова ќе одржи работилница инспирирана од книгата „Градоначалник“, дел од серијалот „Големи зборови за мали уши“. Децата ќе научат како се избира градоначалник или претседател на класот.
Во 12 часот ќе се одржи уште еден креативен настан за деца: „Волшебна уметност со налепници и боенки“.
Последниот саемски ден – 14 мај (среда), ќе биде заокружен со уште една детска работилница: „Принцези и суперхерои“, инспирирана од новите сликовници со налепници-тетоважи.
Веруваме дека со нашата богата книжевна понуда и креативна програма ќе ја поттикнеме љубовта кон книгата и читањето и ќе придонесеме кон развојот на книжевната сцена во нашата земја.