Во рамките на кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата – „Читањето е супермоќ“, издавачката куќа „Арс Ламина“ донираше вкупно 1.000 книг во десет основни училишта во Општина Прилеп. Донацијата следуваше после едукативна презентација организирана за просветните работници од општината.
По сто книги беа донирани на следните училишта:
ООУ „Гоце Делчев“
ООУ „Добре Јованоски“
ООУ „Климент Охридски“
ООУ „Кочо Рацин“
ООУ „Рампо Левката“
ООУ „Круме Волнароски“ – Тополчани
ООУ „Кирил и Методиј“ – Канатларци
ООУ „Блаже Конески“
ООУ „Страшо Пинџур“ – Мало Коњаре
ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“
Со оваа донација, „Арс Ламина“ ја продолжува својата мисија да ги збогати библиотечните фондови на училиштата и да придонесе за развојот на читачките навики кај најмладите. Изданијата вклучуваат лектири и читанки од едицијата „Лесно читливо“ и романи за деца.
Досега, преку оваа кампања се донирани над 10.000 книги во училишта во Скопје, Штип, Кавадарци.
Во рамките на кампањата, „Арс Ламина“ го објавува и традиционалниот литературен и ликовен конкурс „Читањето е супермоќ“, кој ќе се одвива од 2 април до 2 мај 2025 година. Право на учество имаат деца од градинките (на возраст од 4 до 6 години), како и ученици од сите одделенија во основните училишта низ целата држава.
Творбите ги очекуваме на е-адресата: libi@arslamina.com, со наведени податоци: име и презиме, ментор, возраст и градинка (за децата од градинка), одделение и училиште (за учениците), како и поштенска адреса и телефонски контакт (од родител).
Победниците ќе бидат прогласени и наградени на посебен настан, а наградниот фонд вклучува книги и дипломи обезбедени од „Арс Ламина“.
Кампањата „Читањето е супермоќ“ се спроведува седма година по ред и има за цел:
Подигнување на јавната свест за важноста на читањето од најмала возраст;
Поттикнување на љубовта кон книгата и негување на мајчиниот јазик;
Унапредување на читачките вештини;
Поттикнување на креативноста кај децата;
Образовна поддршка преку збогатување на наставната програма и училишните библиотеки;
Понуда на квалитетно време одвоено од дигиталните технологии.










