Зоран Михајлов – добитник на наградата „13 Ноември“ за првата биографија на Дарко Панчев

Доајенот на македонското спортско новинарство и автор, Зоран Михајлов, е добитник на престижната награда „13 Ноември“ за првата биографија посветена на животот и на спортските успеси на Дарко Панчев. Наградата ја доделува Град Скопје, за неговиот ангажман во спортот и за објавувањето на делото „Дарко Панчев: Авторизирана биографија“ (издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“). Признанието го потврдува неговиот значаен придонес во документирањето на спортската историја на Скопје и на Македонија, како и во одбележувањето на животот и кариерата на легендарниот фудбалер Дарко Панчев, роден во Скопје и голем дел од кариерата минат во ФК „Вардар“, еден од симболите на градот.

Со оваа книга, Михајлов не само што го документира спортскиот и животниот пат на Панчев, туку создава автентично сведоштво за едно време кое ја обликувало спортската и културната историја на Македонија. Делото има трајна вредност и како спортска литература и како културно наследство што ја чува меморијата за еден од најголемите македонски амбасадори во светот. Со својата посветеност и долгогодишното искуство, Михајлов ја зацврстува својата улога како еден од најзначајните спортски хроничари во македонската историја.

„Дарко Панчев: Авторизирана биографија“ е првата биографија на легендарниот фудбалер. Во неа се откриваат и познати и помалку познати факти, анегдоти и моменти од животот на Панчев – од детството, преку ангажманите во ФК „Вардар“ и ФК „Црвена звезда“, до европската фудбалска авантура. Книгата содржи избор од 40 фотографии од приватната архива на Панчев, кои ги прикажуваат неговата кариера и животот, а содржи и искази од неговите соиграчи, легенди на „Звезда“, спортски работници и претставници од научната фела.

Ова е трета книга на Михајлов, по „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ и монографијата за борачот Шабан Сејдиу (коавтор). Во својата 60-годишна кариера, Михајлов присуствувал на најголемите спортски случувања, меѓу кои рекордни 15 олимпијади, афирмирајќи ги настапите на македонските спортисти и информирајќи ја јавноста за спортските настани.

Зоран Михајлов е роден на 17 јануари 1945 година, во Битола. Основно и средно образование завршува во Скопје, каде што се стекнува и со диплома од Филолошкиот факултет, во класите на истакнати професори, како Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Божо Видоески и Димитар Митрев. Кариерата ја почнува во 1965 година во „Нова Македонија“, а подоцна работи како спортски коментатор и уредник во Телевизија Скопје. Во текот на својата кариера бил генерален секретар на ФК „Вардар“, спортски директор на КК „МЗТ“ Скопје, а сè уште е активен со свои новински колумни во весникот „Нова Македонија“.

Освен новинарството, Михајлов бил активен атлетичар на АК „Работнички“ (1960 – 1966) и настапувал за младинската репрезентација на Југославија. Од 2009 година соработува со Наша ТВ во емисијата „Македонски спортски легенди“.

Книгите „Спортски стории“ и „Дарко Панчев: Авторизирана биографија“ се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.