Автор во фокус: Кен Фолет – Клучoт за добар трилер, низ иглените уши на историјата

Нурнете во свет каде што неизвесноста, интригите и шпионажата се преплетуваат со храброст и историја што оживува на секоја страница. Од 15 до 19 октомври, во рамките на акцијата „Автор во фокус“, читателите имаат можност да ги откријат делата на еден од најпродаваните современи британски автори на историски и шпионски трилери – Кен Фолет. Неговите книги „Страчки“, „Клучот за Ребека“ и „Низ иглени уши“, во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“, се достапни со 30 % попуст во сите книжарници на Литература.мк и онлајн на www.literatura.mk.

Со купен сет од книгите на Кен Фолет добивате подарок ваучер за кафе во Café Literatura.

Кенет Мартин Фолет е роден во 1949 година, во Кардиф, Велс. Уште како дете, поради строгото религиозно воспитување, не смеел да гледа телевизија и филмови – па затоа целосно се посветил на читањето. Токму таа љубов кон книгите го води кон светот на зборовите и фикцијата.

Студирал филозофија на Универзитетскиот колеџ во Лондон, каде што го развил интересот за новинарството и раскажувањето приказни. По неколку години работа како новинар, Фолет се свртел кон литературата – чекор што ќе го претвори во еден од најчитаните и најнаградувани автори на XX и XXI век.

Интересен факт е што првиот роман го напишал затоа што му требале 200 фунти за поправка на автомобилот – а токму тој спонтан потег го насочил кон блескава книжевна кариера.

Големиот пробив го постигнува во 1978 година со шпионскиот трилер „Низ иглени уши“ – роман што веднаш го претвори во светска ѕвезда и му ја донесе престижната награда Edgar Award за најдобар роман. Книгата подоцна доби и филмска адаптација со Доналд Сатерленд во главната улога.

Следуваат низа бестселери – меѓу кои и „Клучот за Ребека“, инспириран од класичниот роман „Ребека“ на Дафне ди Морие, како и „Страчки“, кои ги потврдија неговите вештини за создавање возбудливи приказни со историска заднина и силни човечки судбини.

Во подоцнежните години, Фолет се насочи кон историската фикција, создавајќи ги монументалните романи „Столбовите на земјата“, „Свет без крај“ и трилогијата „Векот“, со кои го зацврсти статусот на мајстор на големи наративи и комплексни човечки приказни.

Врз основа на неговите дела се снимени успешни мини ТВ-серии, што дополнително ја проширија неговата популарност.

Кен Фолет има продадено над 198 милиони книги, преведени на повеќе од 30 јазици, достапни во над 80 земји – бројки што го ставаат меѓу најуспешните автори на сите времиња. Малкумина знаат дека во својата рана кариера пишувал под псевдоними – како Сајмон Мајлс, Захари Стоун, Бернард Л. Рос и Мартин Мартинсен.

Освен што е писател, Фолет е и музичар – свири бас-гитара во блуз-бендот Damn Right I Got the Blues, а повремено настапува и со фолк-група, свирејќи на бас-балалајка.

Познат е и по својата општествена ангажираност: тој е долгогодишен поддржувач и донатор на Лабуристичката партија во Велика Британија, а неговата сопруга, Барбара Фолет, била пратеник во британскиот парламент.

Фолет е добитник на многубројни книжевни и општествени признанија, меѓу кои и титулата командир на Редот на Британската Империја (CBE) за придонес во книжевноста.

Во 2018 година е избран за член на Кралското книжевно друштво, а неговите книги често се дел од наставни програми и академски анализи низ светот.