Приказните од сликовниците „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова и „Девојчето и куклата што патува“ од авторот Александар Русјаков, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, деновиве внесоа топлина во срцата на дечињата од Кочани. Тие го разведрија тмурниот, студен и дождлив октомвриски ден и внесоа надеж, радост и инспирација. Раскажувачкиот тон, пристапот и содржините презентирани од страна на авторите побудија восхит, љубопитство и активно учество кај многубројната детска читателска публика во просториите на ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани.
ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани ги реализираше овие активности во рамките на проектот „Славење на Меѓународниот ден на книжевноста за деца – Другарување со книгите ни е песна, фестивал на децата, книгите и музиката“, проект од национален интерес во културата, поддржан од Министерството за култура и туризам.
Координаторката на проектот, библиотекарката Магдалена Кочовска-Салтитов, истакна дека „во рамките на истиот, на голема радост за најмладата читателска публика, се промовираа сликовниците за деца во издание на ‘Арс Ламина’, со која библиотеката има долгогодишна и плодна соработка“.
„Осаменото дрво“ од авторката, актерка и сестрана уметница Нина Максимова, со илустрации на младиот Иван Коминовски, е дел од едицијата „Нови бајки од Македонија“, реализирана во соработка со Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“.
Иако звучи необично главен лик на книга да биде дрво, тоа сепак не е неочекувано во литературата за деца. Персонификацијата на дрвјата и раскажувањето поучни приказни преку нив се честа појава во светската книжевност за најмладите. „Осаменото дрво“ е повеќе од бајка за едно осамено дрво – тоа е приказна за растењето, трансформацијата, себеприфаќањето и другарството, со силна еколошка порака.
„Девојчето и куклата што патува“, пак, е сликовница-омаж на најпознатата анегдота поврзана со Франц Кафка и девојчето кое тагува по изгубената кукла. И покрај тоа што вистинитоста на случката никогаш не е потврдена, и иако постојат различни толкувања за нејзините околности, таа стана неодминлив дел од биографијата на Кафка. Русјаков се држи до контурите на општоприфатената приказна, но со својот автентичен, лиричен и нежен израз создава уникатно авторско дело – приказна што, веруваме, ќе стане ново омилено семејно четиво.