Наскоро:  „Луѓе-сенки“ – нов трилер од Сашо Кузмановски инспириран од вистински случувања

„…Во далечината слушна полициска сирена. На плоштатчето во аголот спроти музејот се појави маж. Изникна од никаде. Застана, внимателно набљудувајќи ја улицата ’Македонија‘ во длабочина, па како што се појави така и исчезна во зеленилото на паркот зад него. Тоа лице му беше познато. ’Ова не е нормално. Нешто се случува‘, си помисли… …Само што тргна да се скрие зад аголот, во следната секунда грмна толку силно што инстинктивно се фрли во ниската трева. Ужасна експлозија му ги распара ушите. Се тресеше и земјата под нозете. Од предната страна на музејската зграда почнаа да пукаат прозорците и парчиња стакло се сронија на плочникот…“

Оваа сцена, инспирирана од настаните што се случија на денешен ден, пред точно 30 години – атентатот врз претседателот Киро Глигоров – е извадок од новиот роман на авторот и новинар Сашо Кузмановски, „Луѓе-сенки“.

Со оваа книга, која наскоро ќе излезе во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, се заокружува трилогијата на Кузмановски, во која досега се објавени трилерите „Афера во музејот на пари“ и „Бахус“. Иако е заснован на вистински настани од нашето колективно минато, новиот роман е историска фикција. Врз основа на случувањата пред три децении, авторот гради сопствена приказна – постапка што е препознатлива за неговата творечка поетика.

По успешно затворените случаи со украдениот тетробол од Музејот на пари во Народната банка на Македонија („Афера во музејот на пари“) и мистериозното убиство во локалитетот Стоби („Бахус“), главниот јунак од трилогијата на Кузмановски – инспекторот за крвни деликти, Јован Ингилизов-Џовани – е исправен пред најсложениот случај во својата кариера: атентатот врз претседателот на државата.

Џовани е ревносен и правдољубив полицаец, кој бескомпромисно им пристапува на службените задачи, дури и на оние најзаплетканите и најтешките. Во „Луѓе-сенки“, случајот е од највисоко државно значење – затоа што е засегнат не само претседателот, туку и државноста.

Сашо Кузмановски (1979) е спортски новинар и коментатор со повеќедецениско искуство. Автор е на романите-трилери „Афера во музејот на пари“ и „Бахус“. „Луѓе-сенки“ е негово трето дело и независен трет дел од трилогијата за инспекторот Јован Ингилизов-Џовани. Сите романи на Кузмановски се сместени во нашето општество, а инспирацијата ја црпи од настани што го обележале нашето блиско минато, користејќи ги како предлошки за своите приказни. По угледот на светски познатите автори на криминалистичка проза, Кузмановски создава дела кои, по заплетканоста на сижето и динамиката на дејството, се податливи и за екранизација. Но, неговата најголема доблест е што приказните се лоцирани во нашето непосредно опкружување – на улиците по кои се движиме, на местата што ги посетуваме – создавајќи чувство на припадност и блискост, но и морничавост, емоција што неизбежно се јавува при читање добар и убедлив трилер.

Романите „Афера во музејот на пари“ и „Бахус“ се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.