Ана Салџиева: Пишувањето на сликовницата „Среќен како Наи“ беше чин на љубов, надеж и верба во подобро утре

Со силна лична потреба да ја преточи инклузивноста во приказна, да им подари на своите деца алатка за самодоверба и љубов кон себе, и да им покаже дека различноста е дел од светот што заслужува да биде виден и прифатен, Ана Салџиева ја напишала својата прва книга – сликовницата „Среќен како Наи“.

Новата книга за деца, која неодамна излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, нè води низ светот на едно дете родено со физичка разлика – limb difference – и ни покажува дека неговото секојдневие е полно со радост, игра и љубопитност, исто како кај секое друго дете. Преку топли и инспиративни сцени, книгата ја слави детската сила, уникатност и способноста да се живее со полно срце, без ограничувања.

– Приказната за Наи е длабоко лична и произлезе од моето мајчинство. Таа е инспирирана од мојот син Јан, кој е роден со конгенитална хипоплазија на рака. Заедно со неговата сестра близначка Мила, секоја вечер се препуштаме на магијата на книгите – читаме, сонуваме и патуваме низ светови што ги создаваат приказните. Но, еден момент ме погоди: не постоеше сликовница во која Јан можеше да се препознае, да се види себеси. Тоа ме поттикна да ја создадам оваа инклузивна приказна – за да му покажам дека неговата различност е вредност, а не пречка. Сакам преку Наи да ги охрабрам и другите деца и родители да ја прифатат различноста како нешто природно, убаво и нормално. Секојдневието на Наи е секојдневието на секое дете на негова возраст. Верувам дека секое дете заслужува да се види во светот што го чита – вели авторката Салџиева, која по професија е графички дизајнер, а моментално работи како маркетинг-директор.

*На кој начин преку приказната сакате да им ја доближите на децата темата за различностите и прифаќањето?

– Преку приказната за Наи сакам на децата, а и на возрасните да им ја приближам идејата дека различноста е природен дел од нашето секојдневие – нешто што треба да се прифаќа со разбирање и почит. Иако Наи е роден поинаков, неговата љубопитност и радост кон животот го водат да ги прави истите работи како и сите други, на свој уникатен начин. Таа сила да се најде сопствен пат е инспирација сама по себе. Верувам дека кога ќе престанеме да гледаме со предрасуди на она што ни е непознато, ќе отвориме врати кон свет полн со емпатија, неверојатни достигнувања и вистинска човечка блискост.

*Како течеше соработката со илустраторот Томи Џуровски, и како тој визуелно го долови ликот на Наи и неговата радост?

– Пред сѐ, Томи е човек со огромно срце и добрина. Без размислување уште од самиот почеток знаев дека тој е вистинскиот уметник кој ќе го наслика ликот на Наи. Бидејќи самата приказна ми е лична и навистина емотивна, можам со гордост да кажам дека на секоја страница од сликовницата се чувствува реалната енергија на мојот син. Бескрајно сум му благодарна што со својата уметничка моќ ја збогати нашата семејна приказна.

*Каква беше реакцијата на вашите деца кога првпат ја видоа сликовницата и колку тие беа инволвирани во создавањето на ова дело?

– Ако треба со еден збор да ја опишам нивната реакција – тоа би било радост. Искрена, чиста, детска радост. Никогаш нема да го заборавам сјајот во очите на Јан и Мила кога првпат ја допреа сликовницата и веднаш го препознаа Наи. Тој момент за мене беше потврда дека оваа приказна навистина недостигаше – и дека е важна. Секојдневието на Јан е срцето на оваа сликовница, па иако не беа свесни дека работиме на нешто вакво, нивната присутност и енергија беа дел од процесот од самиот почеток. Како мал, но значаен детаљ, низ страниците се провлекуваат нивни цртежи создадени низ годините, кои ја прават оваа книга уште попосебна и лична.

*Дали може да ни кажете нешто повеќе за себе – дали ова е Ваша прва книга и како се разви интересот за пишување?

– Јас сум човек кој длабоко верува во моќта на убавите приказни – во нивната способност да допрат, да поврзат и да променат. По професија сум графички дизајнер, а моментално работам како маркетинг-директор, но мојата љубов кон уметноста отсекогаш била водилка. Верувам дека уметноста е огледало на едно општество – нешто што треба да се негува, почитува и развива. Ова е моја прва книга, родена од силна лична потреба: да ја преточам инклузивноста во приказна, да им подарам на моите деца алатка за самодоверба и љубов кон себе, и да им покажам дека различноста е дел од светот што заслужува да биде виден и прифатен. Пишувањето на оваа сликовница беше чин на љубов, надеж и верба во подобро утре.

*Дали планирате и други проекти или изданија што ќе продолжат да ја обработуваат темата инклузија и емпатија кај децата?

– Во моментов, главна цел ми е „Среќен како Наи“ да стигне до што е можно повеќе дечиња и домови. Да ја рашириме заедно важноста за инклузивноста, за прифаќањето. Да ја пренесеме пораката дека љубовта и убавиот збор се многу посилни и похрабри од негативниот акт. Имам искрена желба да создадам една заедница за limb difference во Македонија, а и пошироко од нашите граници каде што ќе се бориме заедно, ќе споделуваме животни искуства и ќе учиме едни од други. Доколку има родители и деца кои ќе се пронајдат во приказната на Наи, ги охрабрувам да ме контактираат бидејќи заедно можеме повеќе. Можеби во иднина ќе се роди и нова сликовница, ќе оставиме времето да покаже.

Сликовницата „Среќен како Наи“ е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.