Оваа неделата фокусот го насочуваме кон кралот на хоророт, Стивен Кинг, кој на 21 септември ќе го прослави својот 78. роденден. Од 17 до 21 септември, книгите од Стивен кинг во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе бидат достапни со 30 % попуст во сите книжарници на Литература.мк и онлајн на www.literatura.mk. Станува збор за култните книги на Кинг „Доктор Сон“, „Сјаење“, „Кери“, „Тркачот“, „Колку покрваво“ и „Подоцна“.
Со купен сет книги од авторот во фокус следува и подарок – ваучер за кафе во Café Literatura.
Кинг во својата неколкудецениска кариера има објавено 65 романи, шест научнофантастични книги и околу 200 кратки приказни. Неговите дела се продадени во повеќе од 400 милиони копии, а повеќето добија и успешни ТВ и филмски адаптации. Добитник е на многу престижни награди за фикција, како и за неговиот влог во светската литература. Во 2003 година Националната литературна фондација му го додели Медалот за докажан придонес во американската литература.
„Чудовиштата се вистински, а и духовите се реални. Тие живеат во нас, а понекогаш и победуваат.“ Оваа мисла на легендарниот раскажувач и мајстор за куса фикција ја открива суштината на неговите дела од кои полазуваат морници. И со право, станува збор за едни од најстрашните романи, хорор-трилери, комбинирани со научна фантастика.
Неговиот живот неретко бил како сценарио за драма, трилер, па и хорор-филм. Кога имал само две години, неговиот татко го напуштил семејството со изговорот „одам да си купам кутија цигари“, оставајќи ја мајката на Стивен сама да ги одгледа него и неговиот постар посвоен брат Дејвид, понекогаш под тешки финансиски услови. Како дете, Кинг наводно бил сведок како еден негов другар загинал по удар од воз, иако не се сеќава на настанот. Неговото семејство му кажало дека откако излегол да си игра со момчето, Кинг се вратил, нем и во шок. Подоцна семејството дознало за смртта на неговиот другар. Некои негови критичари сугерираат дека овој настан психолошки ги инспирирал некои од помрачните дела на Кинг, но тој самиот ја отфрла таквата идеја. Основната инспирација на Кинг за пишување хорор-белетристика е наведена до детаљ во 1981 во неговото нефиктивно дело „Данс макабр“, во поглавјето насловено „An Annoying Autobiographical Pause“. Кинг прави компарација на успешната техника на вујко му за пронаоѓање вода под земја со користење две гранчиња од јаболкница со ненадејната идеја што тој сака да прави за да заработува. Додека раскревале на таванот со неговиот постар брат, Кинг пронашол книга на Х. Ф. Ловкрафт, збирка раскази што припаѓала на неговиот татко. Илустрацијата на корицата од чудовиште кое се крие под надгробен камен во вдлабнатината на пештера што изгледа како пеколот била, како што пишува, „моментот во мојот живот кога пронаоѓањето вода ненадејно потона… што се однесуваше до мене, бев на вистинскиот пат“.
Кинг покажал интерес за страшните приказни, читајќи хорор-стрипови, како „Tales from the Cryp“. Почнал да пишува како ученик во весникот што неговиот брат го издавал со мимеографска машина, а подоцна почнал да продава стории на неговите пријатели засновани на филмови што ги имал изгледано (иако откако бил откриен од наставниците, бил присилен да им ги врати парите). Во 1965 година ја објавил својата прва приказна, самостојно.
Во 1974 година го објавил својот прв роман, „Кери“, со кој се наметна како сериозен автор на хорор-приказни. На почетокот идејата за тинејџерка со натприродни моќи му се видела многу детска, па малку недостигало да се откаже од завршување на делото. Но, неговата сопруга Табита го охрабрила да го објави романот… Самиот вели дека со тоа му го спасила животот, а книжевноста доби едно ремек-дело. Морничавата приказна за тинејџерката Кери Вајт за брзо време била продадена во милион копии. Оваа книга сѐ уште важи за едно од најтензичните дела на Кинг. Врз основа на книгата се снимени и адаптации за на големото платно, од кои најпознат е истоимениот филм од 1976 година, во режија на Брајан де Палма, со Сиси Спејсек во главната улога. Следуваа уште неколку филмски и ТВ-верзии, како и претстава на Бродвеј.
По успехот на „Кери“, од неговото перо излегоа некои од најзначајните хорор-книги на денешницата: „Судбината на Салем“, „Сјаење“, „Мрачната кула“, „Гробишта за миленици“, „Тоа“, „Зелената милја“ и многу други.
Интересно е што тој не е единствен писател во семејството – сопругата Табита, синовите Џо Хил и Овен Кинг се исто така автори на книги. Со сопругата Табита ја поседува компанијата „Зоун радио“ со три радиостаници, меѓу кои и WKIT („Рок-станицата на Стивен Кинг“). Голем фан е на музиката, свирел гитара во бендот „Рок ботом римејндерс“, заедно со познати писатели, како Ејми Тен, Дејв Бери и Мет Гроенинг. Исто така, соработувал со Џон Меленкамп и Т Боун Бурнет на мјузиклот „Браќата духови од округот Даркланд“ (2012).