Образложение од жири-комисијата за изборот на победничкиот ракопис за наградата „Оливера Николова“ за 2025 година

На првиот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади – „Оливера Николова“, што на 11 март 2025 ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, пристигнаа 38 ракописи од 37 автори. Сите пристигнати ракописи ги исполнуваа условите на конкурсот.

Жири комисијата во текот на работата констатираше видно задоволство и од квантитетот и од квалитетот на пристигнатите ракописи, а особено од шареноликоста на авторите (1), темите (2) и раскажувачките пристапи и техники (3).

1. Меѓу ракописите имаше дела од писатели кои веќе се познати во книжевноста за деца, дела од писатели етаблирани во книжевноста за возрасни кои првпат пишуваат за деца, свежи дела од дебитанти во книжевноста воопшто.

2. Спектарот на темите беше навистина богат и се движеше од едукативни, воспитни приказни со целни поуки, преку реалистични случки и настани од секојдневието на децата, од домот, од улицата и од училиштето; современи бајки со елементи на фантастика и ониричност; тинејџерско-првољубовни приказни, модерни алегории, приказни за иднината, како и навраќање на историските теми на еден свеж, забавен начин, податлив дури и како помош и поддршка на наставата. Беа засегнати и најгорливите теми на нашето време: булингот, осаменоста, (не)инклузивноста на децата со специфичен развој и од ранливите категории.

3. Раскажувачките пристапи и техники се движеа од линеарно предадени приказни до дела со најразлична монтажна структура, фрагментарни, со сложени и мошне вешти постапки на енциклопедичност, документарност, биографичност, игривост (различни краеви по избор).

Поради квалитативното издвојување и отскокнување на два ракописа уште од самиот почеток на жирирањето па сè до крајот („Џинџуџе“ и „Сам во рој“), жири-комисијата по долги и опсежни разговори, одлучи токму овие два исклучителни и меѓусебно мошне различни романи да се најдат во финалето: едниот како победник, другиот како најтесен избор со топла препорака до издавачот и за негово објавување.

Победник на првиот конкурс за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“ е романот „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски.

Во најтесен избор за наградата беше романот „Сам во рој“ од Иван Дричко, псевдоним на Сашо Кокаланов.

За победничкиот роман

Романот „Џинџуџе“ од истакнатиот македонски писател Ермис Лафазановски е модерна бајка за потрагата по среќа, ситуирана во наше време и на наш простор. Бајковидноста и вештото и духовито реферирање на фолклорната традиција во романот остварени преку еден џин и едно џуџе (односно преку едно огромно и едно ситно дете), се исправени пред предизвиците на современиот живот обединети во таканаречената „мол-култура“ како неизбежен факт на нашето време. Џинџуџе е заедничко (и уметничко) име на двајца најдобри пријатели, џинот и џуџето, кои функционираат како едно суштество. Зближени по принципот на разлики и контрасти (едниот е огромен и силен, интелектуално инфериорен; другиот е ситен и немоќен, интелектуално супериорен), пријателите се досетливи акробати кои изведуваат точки со велосипед низ Скопје, а особено во Сити-мол. Иако навидум сакаат само да соберат ситни парички од посетителите за сендвич и сок и евентуално да се прослават и да гостуваат на телевизија, во суштината, џинот и џуџето се во потрага по среќа. Ликовите на нивните пријатели и непријатели, како и случките што се надоврзуваат, како да се излезени од приказните, од лектирата за деца, но толку вешто преправени и маскирани што читателот не ги препознава веднаш. Јазичните игри, и во именувањето на ликовите и во дијалозите, се движат од правописни, лекторски правила и забелешки до функционални метатези и досетливи отстапки. Стилот на раскажувањето на авантурите на џинот и џуџето во Сити-мол е фолклорен и токму со таа „неспоивост“ се остварува комичен, гротескен ефект.

„Џинџуџе“ е прво дело за деца и млади од Ермис Лафазановски. Освен што романот е вистинско освежување во домашната продукција, тој најверојатно, според новата терминологија на spin off-постапката во денешните серии, е и прв книжевен приквел (prequel) на друго познато дело од истиот автор. Имено, романот за деца и млади „Џинџуџе“ е можно раскажувачко минато на истоимениот расказ за возрасни од збирката „Туја“ на Лафазановски од 2018 година, застапен во Малата антологија на современата македонска микрофикција „Летаат приказни“ од 2019; расказ според кој беше именувана и антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во земјата на афионите“ од 2022 година. Овој приквел-роман на несекојдневен начин ги поврзува книжевноста за деца и онаа за возрасни. Во таа смисла, „Џинџуџе“ е и оригинален омаж на Оливера Николова којашто пишуваше и за деца и за возрасни; омаж кој ни отвора интересни прашања за тоа како целното раскажување за возрасни може да премине во раскажување за деца, и обратно; како роман може да протече од расказ, и обратно.

За романот во најтесен избор

„Сам во рој“ од Иван Дричко (Сашо Кокаланов) е актуелен роман за повеќе најгорливи прашања во врска со растот и развојот на децата. Насочен кон осаменоста, неприфатеноста, различноста и летањето спроти ветрот, „Сам во рој“ е одлично раскажана и измонтирана приказна за едно посебно дете и неговата страст за инсектите како надомест за пријателите што ги нема. Суштествен дел од оваа приказна се и знаењето и енциклопедичноста, одлично интегрирани во самата нарација. Истовремено со читањето на исповедната јас-приказна на Љубомир когошто сите го викаат Буба, читателите можат да го разгледуваат и неговиот минуциозен инсектариум.

Различноста и поинаквоста на главниот лик во ниту еден миг не ги доведуваат во прашање неговата добрина и хуманоста. Напротив. „Сам во рој“ е суптилен, инклузивен роман кој го подвлекува името на својот автор и во сферата на литературата за деца и млади.