Неговите книги ве држат будни до доцна во ноќта, со напнати заплети, шокантни пресврти и тајни од минатото кои повторно се појавуваат – тоа е светот на Харлан Кобен. Со својата способност да создава напнатост од првата до последната страница, Кобен стана еден од најчитаните современи автори на трилери и мистерии во светот.
Во рамките на акцијата „Автор во фокус“, од 3 до 7 септември, книгите од Харлан Кобен – „Бегај“, „Момчето од шумата“ и „Совпаѓање“ – ќе бидат достапни со 30 % попуст во сите книжарници на Литература.мк и онлајн на www.literatura.mk.
Книгите на македонски јазик се објавени од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Со купен сет книги од авторот следува и подарок – ваучер за кафе во Café Literatura.
Кој е Харлан Кобен?
Харлан Кобен (роден на 4 јануари 1962) е американски писател на романи од жанрот мистерија и трилер. Заплетите на неговите книги често се врзани со повторно појавување на нерешени или погрешно толкувани настани од минатото, убиства или трагични несреќи, и содржат многу неочекувани пресврти. Досега 12 од неговите романи се адаптирани во филмови и ТВ-серии, а бројот на читатели кои го следат низ целиот свет расте со секоја нова книга.
Кобен е роден во Њуарк, Њу Џерси, во еврејско семејство, и израснал во Ливингстон. Од раното детство покажувал љубопитност и љубов кон раскажувањето приказни. Во средното училиште негов соученик и пријател бил идниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи. Студирал политички науки на Amherst College, каде што бил член на истото братство со авторот на „Кодот на Да Винчи“, Ден Браун, а идејата да стане писател ја добил во последната година од студиите.
По дипломирањето во 1984 година, работел во туристичка агенција на својот дедо, а првата книга Play Dead ја објавил на 26 години. Подоцна следувале романите Miracle Cure и серијата за поранешниот кошаркар и спортски агент-детектив Мајрон Болитар, која му ја обезбеди светската слава. Во 2003 година напиша трогателна статија во The New York Times посветена на неговиот татко, кој починал на 59 години.
Кобен е познат по својот стил на пишување со брзи пресврти, комплексни ликови и заплети кои ги држат читателите во неизвесност. Покрај сериите, објавил и самостојни романи, како Tell No One, The Stranger и The Innocent, кои беа успешно адаптирани за филм и телевизија.
Најголеми успеси
Кобен е единствениот автор кој освоил Edgar, Shamus и Anthony Award – трите најголеми награди за криминалистика. Неговите книги се преведени на 46 јазици и продадени во повеќе од 90 милиони примероци.
Во 2010 година ја освои престижната RBA награда за криминалистика, вредна 125.000 евра. Досега има објавено околу 35 романи, вклучувајќи самостојни дела и книги од сериите.
Во 2017 година беше вклучен во Куќата на славните на Њу Џерси во категоријата „Уметност и литература“.
Потпиша повеќемилионски договор со Netflix за адаптација на 14 негови романи, со улога на извршен продуцент. Договорот беше продолжен во 2022 година.
Неговите најпознати адаптации вклучуваат: Tell No One (француски филм, 2006), The Stranger (Netflix, 2020), The Innocent (Netflix, 2021), Stay Close (Netflix, 2021) и Fool Me Once (Netflix, 2024).
Приватно, вели дека води мошне едноставен и мирен живот. Живее во Риџвуд, Њу Џерси, со сопругата Ана, педијатар, и нивните четири деца.