Лазар Еленовски: „Пробив кон глобална алијанса: Непознатите познати на НАТО“ е едукативно четиво за новите генерации

Светот стои на раскрсница – и НАТО исто така. Црпејќи од своето повеќедецениско искуство во дипломатијата, безбедноста и меѓународните односи, некогашен министер за одбрана, амбасадор на Македонија во Белгија и Луксембург и специјален претставник на нашата држава во НАТО, Лазар Еленовски ја напиша новата книга „Пробив кон глобална алијанса: Непознатите познати на НАТО“. Книгата неодамна излезе од печат во издание на „Арс Ламина“.

Во книгата Еленовски ги истражува успесите на НАТО, внатрешните контрадикции и занемарените предизвици – непознатите познати – кои се закануваат на неговата релевантност. Со новите закани, кои произлегуваат од рапидниот развој на технолошкиот свет и растечките геополитички ривалства, доведен е во прашање опстанокот на демократскиот поредок. Па оттаму, во книгата, со итност и јасност се разработуваат натамошните активности кои НАТО треба да ги преземе како глобална сила за да може да придонесе на човештвото низ бурните непознати на 21 век. По повод објавувањето на делото, разговараме со Еленовски.

*Што Ве поттикна да ја напишете книгата „Пробив кон глобална алијанса“ токму сега, во година кога НАТО одбележува 75 години постоење, а Вие 30 години од Вашиот атлантски пат?

Книгата е мој личен придонес кон нешто кон кое сум бил посветен три децении. Иако идејата за самата книга е стара четири-пет години кога почнав да ги формулирам идејата и концептот за книгата, чувствував личен долг и, ако може да кажам, морална одговорност да образложам концепт со кој досега успешната безбедносна алијанса на западниот свет ќе продолжи да го дава својот придонес кон светскиот мир и стабилност и ќе ги избегне историските стапици и предизвици кои би можеле да ја загрозат нејзината релевантност, а кое е нешто со кое се соочува секој општествен феномен или творба.  

*Во книгата зборувате за „непознатите познати“ на НАТО. Може ли да објасните што точно подразбирате под овој термин?

– Иако изгледа како игра на зборови, дебатата за бинарниот алгоритам на познатото и непознатото ја предизвика поранешниот секретар за одбрана на САД Доналд Рамсфелд во предвечерјето на втората американска интервенција во Ирак на прес-конференција во Пентагон во февруари 2002 година. Оттогаш прашањата за познатото и непознатото поведоа голема меѓународна дебата не само во политичките туку и во филозофските кругови низ светот.  Терминот непознатите познати подразбира работи за кои не сме свесни дека ги знаеме, односно не знаеме дека ги знаеме. Тоа е своевиден парадокс, но впрочем сведоци сме самите дека самиот живот е полн со парадокси. За таков парадокс и зборувам во книгата кога ги анализирав НАТО и неговите трансформации посебно од крајот на Студената војна до денес, неговите главни лостови, како што се САД и европските сојузници, нивните главни геополитички конкуренти, како што се Кина и Русија, но и преостанатите нормали или стандарди на денешната светска безбедносна реалност.

Од друга страна, НАТО во последните дваесет години излезе од својата традиционална евроатлантска зона и почна активности и процеси кои мораше да ги почне за да одговори на својата примарна мисија за одбрана на своите земји членки. Сите тие нови процеси и структури всушност ја претставуваат неговата трансформација во глобална организација, иако НАТО официјално сè уште не го гледа тоа така, што всушност претставува негова непозната позната.

*Пишувате за потребата од трансформација на НАТО во „глобална алијанса“. Како ја гледате таа трансформација и кои се чекорите што мора да се преземат? Кои сметате дека се најголемите предизвици со кои НАТО ќе се соочи во следната деценија, особено во контекст на технолошкиот напредок и геополитичките ривалства?

НАТО во наредните децении ќе мора да стане организација од глобален карактер ако сака да остане релевантна организација, имајќи предвид дека светската безбедносна реалност драстично се менува, пред сè под притисок на технолошката револуција која во изминатите три-четири децении радикално ги смени парадигмите кои доминираа со векови, па ако сакате и со милениуми во човековата историја. Едноставно современите безбедносни закани сè помалку препознаваат територија и граници во традиционалната смисла на разбирање и на тој начин стануваат универзални или глобални.

Таков е примерот со сајбербезбедноста и уште повеќе со новиот безбедносен аспект на вселената во која големите сили вложуваат големи средства и сѐ повеќе го гледаат како растечко поле на приоритет за прашањата за одбраната и безбедноста. Тоа уште повеќе се однесува на сè позабрзаното вградување на вештачката интелигенција во сите модерни воени компоненти. Последниот тренд на сè поголемо автономно функционирање на воените системи кое се овозможува од сите актери во новата геополитичка воена игра е во функција на поголема ефикасност на воените системи, но од друга страна тоа подразбира сè помало човечко присуство во целокупниот воен процес. И сето тоа е веќе реалност, а сепак се наоѓаме само во почетната фаза на револуцијата на вештачката интелигенција, која ќе влијае и ќе се одрази врз сите аспекти на човековото општество, а тоа посебно ќе се однесува на воениот аспект како што се обидов накратко да објаснам.  

Од друга страна, за НАТО, како безбедносна организација на Западот, најголем предизвик во 21 век ќе биде Кина, која со својот импозантен развој во последните четири децении веќе ја помести реалноста на мултиполарниот свет во кој единствено доминираа САД и се наметна како втор пол на светската мапа. Со тоа таа, заедно со развојот на преостанатите држави од регионот на Азија-Пацифик, го помести и центарот на светот кој со милениуми во човековата историја беше во и околу Европа, за денес да тоа биде пацифичкиот регион. Трендовите покажуваат дека Кина, и покрај економското забавување, ќе продолжи со развојот и за една-две децении ќе стане најголемата економска, технолошка и воена сила во светот. Токму поради овие нови реалности кои накратко ги образложив, сметам дека НАТО нема друга опција и ќе мора да се обиде да ги пресретне овие процеси, а тоа самото по себе значи дека ќе треба да даде глобален одговор.

*За кого е наменета книгата – дали пред сè за академската јавност, студентите, политичките лидери и експерти, или и за пошироката читателска публика?

Книгата веќе излезе и на англиски јазик и може да се најде на „Амазон“. Со тоа сметав дека ќе има многу поширок меѓународен опсег и ќе биде достапна за секој читател кој ќе биде доволно љубопитен да прочита нови идеи и на еден начин еден нов концепт во областите на геополитиката и меѓународните односи и безбедност. Затоа се обидов книгата да нема сувопарен стил и да ја зачинам на еден начин кој ќе побуди интерес кај читателот. Се обидов што поедноставно и појасно да ги образложам тезите кои на крајот даваат еден заокружен концепт. Се надевам дека книгата ќе биде едукативно четиво за современите безбедносни и геополитички трендови и дека посебно ќе им послужи на новите генерации кои уште поподготвено ќе треба да се соочат со овие големи промени и предизвици кои доаѓаат.

* Кои пораки би сакале да ги понесе македонскиот читател од оваа книга, особено со оглед на нашето членство во НАТО и регионалните безбедносни предизвици?

– Намерата ми е да ја доближам македонската публика до реалностите кои ги продуцираат современите безбедносни, надворешнополитички и геополитички трендови. Како и насекаде во светот, и кај нас доминираат митови за одредени состојби, што со јазикот на книгата значи дека претставуваат за нас непознати познати. Затоа подобро е ако се видат работите во вистинско светло за потоа и реакцијата да биде соодветна или продуктивна за самата држава. Историскиот пат на Македонија од нејзиното осамостојување, за жал, покажува дека ние почесто не знаеме како да реагираме пред меѓународните предизвици, посебно големите и реагираме несоодветно, недоволно или погрешно. На тој начин уште повеќе ја отежнуваме сопствената состојба и го загрозуваме процесот во кој се наоѓаме.

*Како влијаеше Вашето долгогодишно дипломатско и политичко искуство врз содржината и заклучоците што ги изнесувате во ова дело?

– Долгогодишното искуство во областа на меѓународните односи и безбедност и мојата тридецениска посветеност кон Алијансата и нејзините вредности ми овозможи да изградам една визија за иднината, која верувам дека може да помогне во надминување на идните кризни ситуации, зацврстување на светскиот мир и стабилност и подигнување на демократските стандарди во светот. Сето тоа треба да овозможи поефикасно функционирање на меѓународниот систем, кој денес на еден начин е во криза, во услови на реформиран светски либерален поредок, кој ги зема предвид новите светски парадигми и реалности.

Разговараше: Ана Несторовска-Саздовска

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.