Издавачката куќа „Арс Ламина“ е дел од 26. издание на Летниот регионален универзитет за професори по француски јазик, што се одржува од 30 јуни до 4 јули во Струга. Настанот е во организација на Францускиот институт во Скопје, во соработка со амбасадите и француските институти од регионот.
„Арс Ламина“, како застапник на изданијата на реномираниот француски издавач Hachette, се претстави со најновите и најбарани изданија за изучување на францускиот јазик. Земајќи учество на овој настан, „Арс Ламина“ уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон поддршката на образованието, меѓукултурната соработка и книжевната размена.
Настанот свечено го отвори директорот на Францускиот институт, г. Иго Бештел, во хотелот „Дрим“ во Струга, во присуство на учесниците, организаторите и партнерите.
Овој летен регионален универзитет за професори по француски јазик е реномиран франкофонски настан од областа на образованието, каде што веќе над две децении се обединуваат професори по француски јазик од Македонија, Албанија, Србија, Косово, Црна Гора, Молдавија, Романија и Босна и Херцеговина, нудејќи им можности за обука, размена на искуства и јакнење на професионалните врски. Годинава учествуваат повеќе од стотина учесници – професори по француски јазик.
Низ интензивна програма составена од обуки и работилници и интерактивни сесии, настанот ги отвора прашањата за современите пристапи во наставата по француски јазик, методологијата и интеграцијата на францускиот јазик во поширокиот образовен контекст.











