Во рамки на две поетски вечери, на 12 април и на 13 април во Шангај се одржа поетско читање на стихозбирката „Карши“ од Маријана Котевска-Георгиева, во издание на „Арс Ламина“.
Покрај Котевска-Георгиева, на настаните учествуваа и три поетеси од Кина: Као Шујинг, Лиу Шиаопинг и Гао Шиаоџин – исклучително реномирани и наградувани во нивната земја.
Поетските вечери беа мултимедијални, со жива музичка поддршка и визуелен приказ. Секоја песна беше проследена со оригинална авторска музика, создавајќи уникатно искуство за публиката. Котевска-Георгиева првата вечер (што се одржа во Културниот центар Хомер) настапи со седум песни, а втората (во Minsheng Art Museum) со пет, читајќи ги на македонски јазик. Дел од нив се од стихозбирката „Карши“, додека други се нови и ќе бидат вклучени во нејзината следна стихозбирка, која ова лето ќе биде објавена во Скопје, во издание на „Арс Ламина“.
И на двата настани поетесата своите песни ги читаше на македонски јазик. Симултано песните со видеоподдршка беа преведени на кинески. Публиката беше одушевена од убавината на македонскиот јазик, на што авторката се задржа посебно на крајот, во времето одвоено за прашања и одговори.
Стихозбирката „Карши“ е достапна во поголемите книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.