„Арс Ламина“ со поддршка на крводарителска акција во Градската општа болница „8 септември“

Со цел да го поддржи крводарителството, издавачката куќа „Арс Ламина“ донираше 10 свои изданија за учесниците во акцијата која ќе се одржи утре (сабота, 26 септември) од 8.30 часот во Градската општа болница „8 Септември“ (поранешна Воена болница) во Скопје. Организатор е здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството „Крводарител“, а ќе биде применет и специјален протокол за Ковид-19, така што нема да може да се пријават повеќе од 4 луѓе во рок од половина час за да донираат крв.

Ова е петта акција на здружението во ГОБ, а последната беше на 8 септември и во рамките на 3 дена беа собрани повеќе од 60 единици крв. „Арс Ламина“ се придружува кон оваа акција со цел да го поттикне крводарителството во земјава. Воедно, издавачката куќа ќе поддржи и други настани од ваков тип во иднина кои се дел од агендата на „Крводарител“.